Sinan Uslu
13 Јули 2016•Ажурирај: 13 Јули 2016
АНКАРА (АА) – Портпаролот на Претседателството на Турција, Ибрахим Калин, во врска со отворањето на изложбата на фотографии од терористичката организација ПКК и ПЈД во Европскиот парламент истакна дека не смее да се злоупотребува слободата на изразување преку пропагирањето на една терористичка организација, јавува Anadolu Agency (AA).
„Не смее да се злоупотребува слободата на изразување преку пропагирањето на една терористичка организација. Доколку целта на изложувачите била прикажување на борбените акции меѓу ПЈД и терористичката организација ДАЕШ, тогаш им препорачуваме да отворат изложба и за дејствата од крвавиот режим на Асад, оние од Фронтот ал Нусра и од Хезболах“, беше дел од изјавата на Калин.
Имено, портпаролот Калин, во изјавата дадена за дописникот на АА, ја изразува својата реакција за изложбата на слики од водачот на терористичката организација ПКК, Абдула Оџалан, и од припадниците на нејзиниот огранок во Сирија, ПЈД, која беше отворена за јавноста во Европскиот парламент во Брисел.
„Во никој случај не е прифатлив чинот на пропагирање на една терористичка организација од која секојдневно страдаат турски граѓани, токму под капата на Европскиот парламент. Не можеме да наидеме на разбирање за целта, односно поентата што сака да ја постигне Европскиот парламент со презентирањето на огранокот на ПКК во Сирија, ПЈД, која впрочем токму Европската Унија ја прогласи за терористичка организација“, изјави портпаролот Калин.
„Со чинот на рекламирање на оваа терористичка организација од Европскиот парламент, сведоци сме на уште еден пример, кој е доказ за примената на двојните аршини на Европа кон Турција“, рече Калин, и додаде:
„Пропагандата на една терористичка организација не смее да ја злоупотребува слободата на изразување. Доколку целта на изложувачите била прикажување на борбените акции меѓу ПЈД и терористичката организација ДАЕШ, тогаш им препорачуваме да отворат изложба и за дејствата од крвавиот режим на Асад, оние од Фронтот ал Нусра и од Хезболах. За нас не постои никаква разлика меѓу оние што одземаат невини животи и што се хранат со човечка крв, за нас Фронтот ал Нусра, ДАЕШ, ПЈД и ПКК се сосема исти. Токму преку овој настан се расветли целта на одредени европски политичари, кои во секоја дадена можност ги критикуваат законите во Турција за справување со тероризмот“.