Hasan Esen
01 Март 2017•Ажурирај: 01 Март 2017
БРИСЕЛ (АА) - Укинат е имунитетот на Мари Ле Пен, лидерка на партијата Национален Фронт на екстремната десница во Франција, во рамките на истрагата што е отворена против неа поради објавувањето фотографии од егзекуција од страна на ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Гласањето на Комисијата за правни работи на Европскиот парламент (ЕП) беше спроведено на барање на француското Обвинителство. На гласањето, 18 членови гласаа за укинување на имунитетот на Ле Пен, а 3 члена беа против.
Ова прашање во следната фаза ќе биде на дневен ред на Генералното собрание на ЕП. Доколку се добие истата одлука, тогаш ќе се отвори простор за судски процес против Ле Пен. Во Франција, обвинетите за „прикажување материјали што содржат насилство“ можат да бидат казнети со максимална казна од 3 години затвор и парична казна од 75.000 евра.
Се очекува првиот дел од истрагата да заврши пред април, за кога во Франција се закажани претседателските избори. Според последните анкети, Ле Пен се наоѓа на првото место со 25,5 отсто. По лидерката на екстремната десница, следи независниот кандидат Емануел Макрон со 24 отсто.
- Обвинување за терористичка пропаганда -
Како реакција на написот на новинар, кој направи паралелна споредба на однесувањето на партијата Национален фронт со однесувањето на ДЕАШ, Ле Пен во 2015 година на социјална мрежа сподели три фотографии од егзекуција од страна на терористичката организација. По реакцијата за објавените фотографии, Ле Пен ја отстрани фотографијата од егзекуцијата на американскиот новинар Џејмс Фолеј, но одби да ги отстрани и останатите две фотографии.
Премиерот на Франција, Бернард Казнев, кој во тој период беше министер за внатрешни работи, беше изјавил: „Овие одвратни фотографии содржат пропаганда на ДЕАШ и истовремено претставуваат непочитување на жртвите на тероризмот“ и поднесе кривична пријава против Ле Пен.
Подрачното обвинителството на Нантер во Париз започна истрага против Ле Пен поради „прикажување материјали што содржат насилство“.