Fatma Esma Arslan
30 Јануари 2018•Ажурирај: 31 Јануари 2018
АНКАРА (АА) - Со објавување нови снимки за кои е утврдено дека немаат поврзаност со операцијата на Вооружените сили на Турција во Африн, терористичката организација ПЈД/ПКК и нејзините поддржувачи продолжуваат со кампањата за ширење клевети и лаги на социјалните мрежи за операцијата „Маслинова гранка“, јавува Anadolu Agency (AA).
Под наслов „Цивилите во Африн беа цел на напади“, на социјалните мрежи е објавена фотографија за која е утврдено дека е објавена на 8 јули 2015 година со веста за криумчарење на 250 сириски христијани од Алепо во Белгија. Фотографијата нема поврзаност со актуелните случувања во Африн.

На социјалните мрежи е објавена и снимка под наслов „Убиени голем број турски војници во Африн“, а всушност станува збор за снимка која репортерите на АА ја направија во 2017 година, за време на погребот на жртвите од терористичкиот напад во Ширнак.

На снимката е прикажан погребот на 12 турски цивили и припадници на безбедносните сили, коишто терористите на ПКК ги убија при нападот на селото Бесагаџ.
Протерористичката кампања објави и фотографија од рането бебе со апел за спречување на наводниот геноцид во Африн, а утврдено е дека се работи за фотографија направена во Ирак и објавена пред 16 дена, многу пред почетокот на операцијата на турските сили во Африн.

Вистинската позадина на протерористичката кампања на социјалните мрежи е ширење лаги за операцијата што ја водат турските сили, за да ги неутрализираат терористите на ПЈД/ПКК и ДЕАШ во Африн, а целите на кампањата се спречени преку напорите на истражувачите од АА, кои открија дека станува збор за снимки што немаат поврзаност со актуелната операција „Маслинова гранка“.
Протерористичката кампања на социјалните мрежи отиде толку далеку со лагите, што дури се објавувани и снимки од авионот на „Малезија Ерлајнс“ („Malaysia Airlines“), што се урна во источниот дел на Украина, кои се претставувани како фотографии на авион на турските сили, кого наводно го срушиле терористите во Африн.