Ivana Ramadanova
18 Октомври 2016•Ажурирај: 19 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Здружението на граѓани „Отворена порта – ла страда“ и Меѓународната организација за миграции (ИОМ) на Европскиот ден за борбата против трговијата со луѓе, денеска во Скопје ја промовираа едномесечната кампања против трговијата со луѓе насловена како „Спречи ја трговијата со луѓе – прашај, помогни, пријави“, јавува Anadolu Agency (AA).
Националниот координатор за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, Сања Димитриевска, ги претстави заложбите на Република Македонија во борбата против трговијата со луѓе.
„Дополнителна симболика и тежина дава денешниот ден, кој всушност е Европски ден за борба против трговијата со луѓе. Вистински момент за повторно да ја покажеме на дело и да ја потврдиме нашата цврста одлучност за спротивставување на феноменот на трговијата со луѓе, а особено е важно бидејќи тоа е во период кога трговијата со луѓе зема голем замав“, истакна Димитриевска.
Според Јасмина Рајковска од „Отворена порта – ла страда“, трговијата со луѓе, за жал, денеска постои и е реалност во Република Македонија.
„Секој од нас е изложен на ризикот од трговија со луѓе. Нашето искуство ни говори дека граѓаните не се доволно информирани за трговијата со луѓе, не знаат како да се заштитат и ретко се вклучуваат во спречувањето во трговијата со луѓе. Оттука, јасно е дека неинформираноста нѐ прави немоќни да го препознаеме ризикот и соодветно да се заштитиме. Затоа денеска ја промовираме новата кампања за борба против трговијата со луѓе, која има за цел да ја подигне јавната свест за постоењето на проблемот трговија со луѓе и да ја зајакне превенцијата и идентификацијата на жртвите од трговија со луѓе“, потенцираше Рајковска.
Едномесечната кампања беше промовирана во присуство на претставници од Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција, Секретаријатот на Комисијата, претставници од МВР, Министерството за труд и социјална политика, локалните комисии за борба против трговијата со луѓе од Штип и Битола, центрите за социјални работи, невладини и меѓународни организации. Во кампањата ќе бидат претставени заложбите на Република Македонија во борбата против трговијата со луѓе.
Кампањата „Спречи ја трговијата со луѓе – прашај, помогни, пријави“ е поддржана од УНИЦЕФ, холандската амбасада, УК аид Дифт, Националната комисија за борба против трговијата со луѓе и илегалната миграција во Република Македонија.