СКОПЈЕ (АА) - Со обраќањето на претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, потпретседателката на Собранието на Република Македонија, Рената Дескоска и Кристин Мутонен, претседател на ПС на ОБСЕ, свечено е отворена Петнаесетата есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ (ПС на ОБСЕ), чиј домаќин е Собранието на Република Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
На свеченото отворање, присутните ги поздрави претседателот на Собранието на Република Македонија, Трајко Вељаноски, кој го изрази своето задоволство што во Скопје се одржува настан каков што е Есенската сесија на ПС на ОБСЕ.
„Од донесувањето на одлуката за формирање, па до денешната Есенска сесија на Парламентарното собрание на ОБСЕ, изминати се 25 години, период во кој Собранието на ОБСЕ со својата работа и анганжман се покажа како еден од основните столбови и значаен инструмент во остварувањето на темелните принципи врз кои е формирана ОБСЕ“, рече Вељаноски во своето обраќање.
„Република Македонија токму поради непочитувањето на некои од принципите на ОБСЕ, но и на други меѓународни институции, непринципиелноста ја има почувствувано на свој грб како голема неправда“, истакна Вељаноски, потенцирајќи дека мигрантската криза ќе биде една од темите на оваа сесија.
„Посебно би сакал да истакнам дека на оваа сесија ќе се разговара за мигрантската криза. Криза која понатаму и, за жал, сѐ уште останува многу сериозен предизвик, не само за регионот туку и за Европа“.
„Се надевам дека вашата расправа и заклучоците на оваа тема ќе бидат чекор напред во ефективното справување со бегалската криза којашто, како што напоменав, не е прашање само на Република Турција, Република Грција или на Република Макеоднија, туку пред сѐ е европско прашање, рече Вељаноски и додаде дека затоа се потребни единствени ставови и заклучоци, кои заедно и одговорно ќе бидат спроведувани и остварувани.
По говорот на Вељаноски, на присутните делегати и на останатите гости им се обрати и потпретседателката на Собранието на Република Македонија и шефот на македонската делегација во Парламентарното собрание на ОБСЕ, Рената Дескоска.
„За жал, 25 години од основањето, ПС ОБСЕ се соочува со сериозните предизвици: мир безбедност, човекови права, економски развој“, рече Дескоска.
Во своето обраќање, таа истакна дека безбедносните предизвици, заканата од тероризам, како и мигрантската криза којашто земјите ги соочи со страв, се придвижувачи на недемократски идеи, радикални движења коишто можат да ги загрозат основите вредности на ОБСЕ.
Дескоска во својот говор се осврна и на општествено-политичката ситуација во Македонија.
„Македонија се соочува со политичка криза. Одржувањето на оваа Есенска сесија е од особено значење за да се вратиме на вистинскиот пат, патот на одржување на слободни фер избори и демократски принципи на владеење. Очекуваме ОБСЕ и ОДИХР да имаат активна улога во престојните парламентарни избори во Република Маедонија на 11 декември“, рече Дескоска.
Кристин Мутонен, претседател на ПС на ОБСЕ, во своето обраќање посака успешна работа и соработка на учесниците на Петнаесеттата есенска сесија.
„Денес и утре би сакале да истражуваме и дискутираме за она што ние како парламентарци можеме да го направиме за мерките на градење доверба во рамките на ОБСЕ. Најтешки нешта за нашите влади е да се земе интересот на другите влади. Собработката е потреба. Без соработка, нема шанси да напредуваме. Ниту една држава не може да обезбеди безбедност сама по себе. Затоа, потребно е заедно да соработуваме и да го гледаме светот низ очите на нашите соседи, парнери, а дури и противници. На овој начин градиме доверба и долготрајна стабилност“, истакна Мутоне во своето обраќање, додавајќи дека на регионот му е потребна иднина со мир и просперитет, а не иднина на нестабилност и несигурност.
Ведат Билгин, шефот на делегацијата на Турција во Парламентарното Собрание на ОБСЕ, во својот говор најнапред изрази жалење поради тоа што министерот за надворешни работи на Турција, Мевлут Чавушоглу, не можеше да присуствува на овој настан. Тој истакна дека Мисијата на ПС на ОБСЕ покажа парламентарен интерес, солидарност и подддршка за демократијата во Турција по обидот за државен удар во оваа земја.
„Сакаме нашите пријатели да бидат постојано информирани за настаните што следуваат по државниот удар. На 15 јули, ФЕТО се обиде да изврши државен удар. Благодарение на солидарноста, обидот не успеа, но зад себе остави 241 загинат и многу други повредени. Турција има одговорност да ги преземе неопходните мерки за да ги изведе пред правдата одговорните за обидот за државен удар. Веќе се преземаат мерки, при што се почитуваат нашите меѓународни обврски и човековите права“, рече Билгин во своето излагање.
„Само замислете ако има обид за државен удар во европските земји и ако има новинари што тоа го поддржуаваат, дали ќе се сметаат како имуни за истраги“, запраша Билгин и додаде:
„ФЕТО не е закана само за Турција, туку и за другите земји, тие се непријатели на сите демократии. Затоа, треба да останеме заедно, одлучни во носењето на ваквите одлуки“, рече Билгин во своето обраќање.
По свеченото отворање на ПС на ОБСЕ, започна првата сесија „Доброто владеење како основа за поттикнување на економскиот развој во регионот на ОБСЕ“.
На ПС на ОБСЕ е најавено учество на делегациите од 51 земја, учеснички во ОБСЕ од Европа, Централна Азија и од Северна Америка, како и од земји-партнери за соработка на ОБСЕ, како и дека досега се пријавени 370 учесници, од кои 220 се пратеници.
Инаку, Есенската сесија на ПС на ОБСЕ е најголемиот меѓународен парламентарен настан организиран во историјата на Македонија.
Работниот дел на сесијата ќе трае два и пол дена и се состои од седница на Постојаниот комитет, Парламентарна конференција на тема: „Зајакнување на мерките за градење на доверба и добро владеење во регионот на ОБСЕ“ и Медитерански форум.