СКОПЈЕ (АА) - Помина веќе втора недела откако политичките партии официјално започнаа со кампањата за предвредмените парламентарни избори закажани за 11 декември оваа година, јавува Anadolu Agency (AA).
Барајќи ја довербата од граѓаните, политичките партии организираат предизборни активности каде што ги презентираат своите програми и проекти.
Партиите од владејачката коалиција го бараат гласот за да продолжат со постоечките и новите проекти, за кои велат дека носат поголем просперитет, подобра и посигурна иднина, додека партиите во коалиција со опозицијата ветуваат реформска влада која како што велат, ќе донесе подобар живот, поголема демократија.
„ВМРО-ДПМНЕ нуди економски развој, суверена држава, самостојна, независна, унитарна, без кантони, држава со соживот", порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на митинзите на Коалицијата „За подобра Македонија“.
Тој истакнува дека „со добивање 63 пратеници во Парламентот е гаранција дека ќе заврши политичката криза".
Зголемување на пензиите за најмалку 10,25 отсто во наредните четири години, продолжување на проектите за бесплатна бањско-климатска рекреација, бесплатен викенд и бесплатен воз, се дел од најавите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и носител на листата во четвртата изборна единица на коалицијата „За подобра Македонија“, Никола Груевски.
Исто така, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ на митингот во Битола истакна дека две нови компании доаѓаат од Турција и од Грција, и дека ќе инвестираат над 10 милиони евра.
Меѓу другото, Груевски го најавува и проектот „Рурални развојни зони“ со кои се предвидуваат даночни и други ослободувања, како и финансиска помош за лица кои сакаат да отворат бизнис во руралните подрачја.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, останува посветен на тоа дека ќе се грижи за интеграцијата на земјата во евро-атлантските структури, создавањето на социо-економските услови за граѓаните и градењето на подобра иднина за генерациите што доаѓаат. Според лидерот на оваа политичка партија, македонските политички партии не треба да ги бараат албанските гласови, бидејќи легитимни претставници на Албанците може да бидат само албанските политички партии.
Овој политички субјект ветува дека ќе го прекине мајоризирањето и надгласувањето преку воспоставување на консензус кој ќе го бара во следниот мандат.
ДУИ, исто така, вели дека ќе инсистира на чело на Комисијата за економски прашања да биде Албанец, кој ќе ги ориентира економските прашања во вистинска насока, особено економската еднаквост и еднаквата распределба на капиталните инвестиции во деловите од земјата во кои живеат Албанци.
- Опозициските партии ветуваат демократизација на општеството и нови политики, бидејќи, според нив, сегашните политики ја попречуваат земјата да оди напред-
Од друга страна, Коалицијата „За подобар живот“, предводена од СДСМ, на своите предизборни активности, каде што ја презентира својата програма, ветува подобра економија, повисоки плати, пензии, субвенции, нови училишта, поквалитетно образование, подобра животна средина.
„За текстилните и кожарските работници, минималната плата ќе ја зголемиме на 12.000 денари уште во првите четири месеци, и таа ќе биде иста за сите вработени", рече лидерот на опозицијата Заев на еден од митинзите.
Во рамките на претставувањето на програмата лидерот на опозицијата „гарантира повисоки плати, поддршка за домашните фирми од 140 милиони евра за нови работни места, пари насочени кон граѓаните, институции кои ќе работат во служба на граѓаните и правда за сите".
Тој порачува дека неговите најави за двојазичноста не водат кон федерализација и поделба на државата, туку дека се работи за вадење од контекст на неговите изјави од страна на неговите политички опоненти.
Лидерот на ДПА, Мендух Тачи, вели дека платформата на оваа партија бара ослободување на Албанците од долговите кон државата и целосна рамноправност во распределбата на буџетот помеѓу албанските и македонските населени места, со цел условите за живот да бидат еднакви низ целата земја.
Тачи, истакна оти смета дека државата им должи на Албанците, затоа што 30 отсто од државната каса се полни со пари од граѓаните Албанци во форма на даноци, а им враќа само 2 отсто. Тој, исто така, ветува дека во следната влада ќе бара да имаат само еден заменик премиер, кој ќе им стави вето на одлуките на Владата и ќе покаже посебна грижа за Албанците во населбите со неалбанско мнозинство.
ДПА го критикува својот противник ДУИ, за кој вели дека за време на неговиот мандат не донесувал и не завршил ниту еден проект во северо-западниот дел на Македонија, каде што живее албанско мнозинско население, каде што, како што велат од оваа партија, сè уште се соочуваат со недостиг на вода за пиење, со загаден воздух, немаат санитарни услови и добра патна инфраструктура.
Најновата албанска партија БЕСА, вели дека ќе работи на решавање на проблемите на Албанците и промената на улогата на политичарите во Македонија во служба на граѓаните, а не обратно. Лидерот на партијата, Билал Касами, изјави дека ќе бидат слуги кои ќе ја претставуваат волјата на албанскиот народ.
БЕСА, во соработка со водечки експерти од Словенија, разви Платформа за одржлив развој на западниот дел на Македонија, во чии рамки е програмата за регионален развој „Кораб 2025“. Целта на оваа платформа е туристичко заживување на овој дел од Македонија, бидејќи тој потенцијал, според оваа партија, досега не бил доволно искористен.
Касами вели дека во овој регион се едни од најубавите предели на Балканот и во Европа, за развој не само на зимскиот туризам, туку за сите годишни времиња.
Тој нагласува дека ова е сериозна платформа и дека се најдени инвеститори кои се подготвени да почнат да работат веднаш штом ќе дојде до промена, по изборите на 11 декември.
Партијата исто така ветува редефинирање на државата, бидејќи, според нив, нема кој да се грижи за иднината на Албанците, додека БЕСА ќе го легитимизира овој народ.
Во меѓувреме, носителите на кандидатските листи исто така одржуваат средби со граѓаните, како и прес-конференции, известувајќи ги граѓаните за своите програми.
На изборите на 11 декември ќе учествуваат 11 политички субјекти – пет коалиции и шест политички партии. Право на глас ќе имаат вкупно 1.784.524 граѓани, додека во дијаспората ќе можат да гласаат 20.591 државјани на Македонија.
Инаку, предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември се резултат на договорот меѓу лидерите на четирите најголеми политички партии во земјата (ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА), кои по долги преговори на 31 август се согласија за одржување на избори, со цел земјата да излезе од политичката криза.
news_share_descriptionsubscription_contact
