İdris Okuducu
31 Јануари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
МОСУЛ (АА) - Младите ирачки волонтери преку кампања на социјалните мрежи се собраа и започнаа акција за чистење и бришење на трагите од војната и тероризмот од улиците на источните делови на Мосул, кој неодамна е ослободен од терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Здружените ирачки сили со поддршка на воздушните сили на меѓународната коалиција, на 17 октомври минатата година започнаа акција за ослободување на Мосул, кој од летото 2014 година беше најголема тврдина на терористите на ДЕАШ во Ирак. Во првите два месеца од акциите беше ослободен источниот дел на градот, а во тек се акциите за ослободување на централниот и западниот дел на Мосул.
Во ослободените источни квартови на Мосул локалната власт сѐ уште не е воспоставенa, па трагите од судирите и од терористичката пропаганда на ДЕАШ се присутни на сите улици.
Младите волонтери преку социјалните мрежи започнаа кампања под слоганот Халуха „ејмел“, што во слободен превод значи „Дајте да се разубави“, а целта на кампањата е чистење на градот и бришење на трагите од војната и од тероризмот од улиците.
Стотици млади лица ја престигнаа ирачката администрација и со посветен труд го чистат градот и ги деблокираат улиците за сообраќај.
„Цел ни е да ја активираме градската популација која живее тука. Сакаме да ја вратиме убавината на Мосул што тој град го красеше пред доаѓањето на терористите на ДЕАШ“, изјави водачот на кампањата, Давуд Хафиз.
Во разговор со новинар на АА, Хафиз истакна дека кампањата брзо стекнала популарност и дека паралелно со омасовувањето, зголемен е и бројот на бизнисмените што со своите донации помагаат во реализирањето на планот.
„Важно е да се нагласи дека оваа кампања не е поврзана со ниту една политичка опција, туку претставува граѓанско движење што ги собира сите лица кои сакаат животот да им се врати онаков каков го имаа пред ДЕАШ“, изјави Хафиз.
Волонтерите ги пребојуваат и ѕидовите на кои терористите на ДЕАШ претходно ги беа испишале своите пораки и слогани, а еден од уметниците, Абдурахман Сабир за АА изјави дека граѓанска обврска му е да се помогне во бришењето на трагите на тероризмот во градот.
„Мојата должност е да го бранам и разубавувам мојот град Мосул. Јас сум сликар и се придружив на кампањата за пребојување на ѕидовите и за пишување убави пораки за живот на ѕидовите на кои терористите пишуваа пораки на зло и смрт“, изјави Сабир.
И волонтерот Махмуд Шакиг изјави дека цел на кампањата не е да се разубават источните делови на градот Мосул, туку целиот град кога ќе биде завршена операцијата на негово ослободување.