Ekipa
31 Јануари 2017•Ажурирај: 01 Февруари 2017
ТЕХЕРАН (АА) - Министерот за надворешни работи на Иран, Мухамед Џавад Зариф, потврди дека таа земја повеќе нема да издава визи за американските државјани, истакнувајќи дека тоа е одговор на извршната наредба на Трамп со која се забранува влез на државјаните на седум муслимански земји во САД, меѓу кои е и Иран, пренесува Anadolu Agency (AA).
„Доколку има исклучоци, тоа ќе се разгледа низ механизмите во Mинистерството за надворешни работи”, изјави Зариф за дневниот весник Хоросан дејли, по состанокот со францускиот колега Жан Марк Еро.
Зариф, дел од реципрочните мерки на Техеран ги најави во саботата, кога стапи на сила наредбата на Трамп за забрана на влезот.
Американскиот претседател Доналд Трамп, во петок донесе одлука да се забрани влез за сириските бегалци, а тромесечната забрана за издавање на американски визи е воведена и за државјаните на Иран, Ирак, Либија, Сомалија, Судан и Јемен.
Иран годишно го посетуваат околу пет милиони туристи, воглавно од соседните земји. Европјаните исто така се чести гости во таа земја, додека Американците претставуваат помалку од еден отсто посетители и изложени се на ригорозни контроли.