Emin Avundukluoğlu
22 Март 2017•Ажурирај: 23 Март 2017
АНКАРА (АА) - Турскиот вицепремиер и портпарол на Владата на Република Турција, Нуман Куртулмуш, изјави дека и по уставните реформи во таа земја ќе постои прецизна хиерархија на законодавството и дека декретите на претседателот, како шеф на власта, ќе бидат во кохезија со таа хиерархија, и исклучително во рамките на законот и уставот, јавува Anadolu Agency (AA).
Како гостин на денешниот уреднички деск на АА, Куртулмуш истакна дека со реформата на турскиот устав се укинува позицијата премиер, а дека улогата на шеф на извршната власт ќе ја преземе претседателот на државата.
„Опонентите тврдат дека работата на претседателот нема да биде контролирана. Вистината е сосема спротивна, претседателот ќе има поголеми овластувања, но и поголема одговорност. Претседателот на државата во никој случај нема да има овластување врз парламентот” , изјави Курутлмуш.
Истакнувајќи дека Турција примила три милиони сириски бегалци, Куртулмуш изјави дека турскиот народ го дели лебот со тие луѓе и дека тој случај е прифатена неопходност во Турција, додека во другите земји доаѓањето на поголем број на бегалци донесува и социјални немири.
„Се соочуваме со некои проблеми, но прашањето на сириските бегалци во Турција не се претвори во социјален проблем. Никој нека не се поигрува со нашиот народ. Нема никаков план на сите тие Сиријци да им се даде државјанство од политички причини. Тоа е класична предизборна измама. Тие луѓе се наши браќа, наши пријатели”, изјави Куртулмуш.
Предлогот уставни реформи во Турција веќе ја помина парламентарната процедура и на 16. април за тоа прашање ќе биде спроведен референдум. Реформата предвидува воведување на претседателски систем, а Курутлмуш изјави дека со директен избор на претседател и новиот систем власта во Турција ќе биде поефикасна и поблиска до народот, а воедно ќе даде и повеќе простор за дејствување на опозицијата.
Заменик-шефот на турската влада, Куртулмуш исто така зборуваше и за трендот на раст на популизмот, радикализмот и антиисламизмот во европските земји.
„Ги слушаме чекорите на неонацизмот, радикалниот расизам и неофашизмот во Европа, која во блиското минато многу страдаше поради фашизмот на Хитлер и Мусолини. Периодот на двете светски војни во Европа е период на крвопролевање, а темелната причина за тоа беше радикалниот расизам”, изјави Куртулмуш.
Нагласувајќи дека европските официјални претставници мораат да извлечат поука од минатото и да сфатат дека не постојат дорби и лоши терористички организации, Куртулмуш изјави дека и европските политичари ќе претрпат штета доколку и понатаму ги штитат терористите на ПКК.
„Нашите европски пријатели не треба да го отфрлат фактот дека не постои добра терористичка организација“, вели тој во уредничкото биро на АА.
Куртулмуш се осврна на атентатот на шведскиот премиер Олоф Палме, 1986 година во Стокхолм, и ја опиша ПКК како сурова терористичка организација.
Иако убиството на Палме официјално остана нерешено, многумина во Европа веруваат дека во тоа е вклучена терористичката организација ПКК.
„Палме, кој беше еден од демократските, умерени политичари на Европа, беше убиен од страна на ПКК“, изјави Куртулмуш.
„Па, ние зборуваме за терористичка организација којашто е толку сурова што врши атентати на европските политичари“, истакна тој.
Во април 2015 година, шведската полиција започна повторно да истражува за ПКК и јужноафриканските разузнавачки агенции во врска со наводната поврзаност со убиството на Палме.
Палме, социјал-демократски политичар и чест критичар на надворешната политика на САД, исто така беше силен противник на апартхејдот, па се поставуваат прашања за можната вмешаност на Јужна Африка во неговата смрт.
ПКК, која се наоѓа на листата на терористички организации во Турција, САД и во ЕУ, во јули 2015 година ја продолжи својата оружена кампања против Турција и оттогаш е одговорна за смртта на речиси 1.200 лица од безбедносниот персонал, вклучувајќи жени и деца.