Sorwar Alam
12 Мај 2018•Ажурирај: 12 Мај 2018
БАГДАД (АА) - Ирачаните рано утринава започнаа со гласањето на првите парламентарни избори во земјата откако Ирак прогласи победа врз терористичката организација ДЕАШ, јавува Anadolu Agency (AA).
Избирачките места низ целата земја, вклучувајќи го и главниот град Багдад и северната Регионална курдска управа, беа отворени во 07:00 часот утринава по локално време, а ќе се затворат во 19:00 часот вечерва по локално време.

Гласачите се собраа на избирачките места уште од раните утрински часови за да го дадат својот глас. На изборите за 328 места во ирачкото Собрание ќе се натпреваруваат 7.000 кандидати.
Околу 24 милиони Ирачани од вкупно 37 милиони жители во земјата се регистрирани за да учествуваат на изборите.
- Ирачкиот премиер Абади: „Овие избори ќе ја одредат нашата иднина“ -

За разлика од другите ирачки претставници кои гласаа на добро чувани избирачки места, ирачкиот премиер Хајдар ал-Абади рано утрово гласаше на избирачкото место во родната Карада, дел од главниот град Багдад.
По извршувањето на граѓанската должност, Абади, по излегувањето од избирачкото место за медиумите изјави дека овие избори ќе ја одредат иднината на Ирак.
Во Багдад гласаа и други високи ирачки претставници, меѓу кои претседателот на Ирак, Фуад Масум и претседателот на Парламентот, Селам ал-Џубури. Тие по гласањето посакаа изборите да донесат добро за сите жители на Ирак, а по нивното завршување што побргу да се формира влада.