Cüneyt Karadağ
24 Септември 2017•Ажурирај: 24 Септември 2017
БЕРЛИН (АА) - Според излезните анкети, политичката опција на канцеларката Ангела Меркел, коалицијата на Христијанско-демократската унија и Христијанско-социјалната унија (CDU/CSU), е победник на денешните парламентарни избори во Германија, со освоени 32,5 отсто од гласовите, јавува Anadolu Agency (AA).
Избирачките места во Германија беа затворени во 18 часот, а 61,5 милиони регистрирани гласачи избраа нов состав на германскиот Парламент, Бундестагот.

Германската телевизија „ARD“ ги објави првите излезни анкети, според кои христијанскиот блок на Ангела Меркел, ЦДУ/ЦСУ, освоил 32,5 отсто од гласовите, додека Социјалдемократската партија (SPD) освоила 20 отсто од гласовите.
Иако забележаа послаб резултат и изгубија девет отсто од гласовите во однос на изборите во 2013 година, христијанскиот блок ЦДУ/ЦСУ е победник и на овие избори.
Коалициониот партнер во досегашната влада, Социјалдемократската партија, во однос на претходните избори изгуби 5,7 отсто од гласовите, и го оствари најлошиот резултат по Втората светска војна.
Најголем скок оствари радикалната деничарска партија Алтернатива за Германија (AfD) која со 13,5 отсто освоени гласови во Парламентот влегува како трета најсилна политичка опција, се разбира под услов излезните анкети да се покажат за точни.
Во Бундестагот, според излезните анкети, треба да влезат Слободната демократска партија (FDP) со 10,5 отсто освоени гласови, потоа Зелените со 9,5 отсто и Левичарската партија со девет отсто освоени гласови.
Според излезните анкети, во новиот состав на Бундестагот ќе влезат 216 пратеници од редот на сојузот ЦДУ/ЦСУ, потоа 133 пратеници од редовите на СПД, 89 пратеници од АфД, 70 од ФДП, 63 од движењето на Зелените и 60 од Левичарската партија.