Erbil Başay
24 Септември 2017•Ажурирај: 25 Септември 2017
БЕРЛИН (АА) - Германската канцеларка и лидерка на Христијанско-демократската унија (CDU), Ангела Меркел, прогласи изборна победа и го најави формирањето на новата Влада, јавува Anadolu Agency (AA).
Избирачките места низ Германија беа затворени во 18 часот, а 61,5 милиони регистрирани бирачи избраа нов состав на германсиот Парламент, Бундестагот.
Германската телевизија „АРД“ ги објави првите излезни анкети, според кои христијанскиот блок на Ангела Меркел, ЦДУ/ЦСУ, освои 33 отсто од гласовите, а Социјалдемократската партија (SPD) освои 20,8 отсто од гласовите.
Канцеларката која е на чело на германската Влада од 2005 година и е лидер на ЦДУ, се обрати на јавноста во седиштето на оваа партија во Берлин, и прогласи изборна победа.
Истакнувајќи дека очекувала поголема поддршка од гласачите, Меркел рече дека таа сепак е задоволна од победата која е извојувана во тешка предизборна кампања со оглед на сите предизвици со кои Владата се соочуваше во изминатиот мандат.
„Остваривме стратешка цел, без нас не е можно да се формира Влада, а ние повторно добивме одговорност да го сториме тоа“, рече Меркел и најави преговори за нова коалиција.
Таа, исто така, истакна дека ќе мора да се анализира изборниот успех на радикално-десничарските популисти АфД и најави дека во наредниот мандат ќе работи на придобивање на тоа избирачко тело. Најави продолжување на борбата за силна Европска унија и реформи за просперитетот на Германија.
Досегашниот коалициски партнер, СПД, оствари најлош резултат во историјата, а челникот на таа партија, Мартин Шулц, најави дека СПД ќе биде лидер на опозицијата во Бундестагот и дека нема да се повлече од чело на партијата.
Најголем скок оствари радикалната десничарска партија Алтернатива за Германија (AfD) која со 13,5 отсто освоени гласови во Парламентот влегува како трета најсилна политичка опција, се разбира под услов излезните анкети да се покажат за точни.
Во Бундестагот, според излезните анкети, треба да влезат Слободната демократска партија (FDP) со 10,5 отсто освоени гласови, потоа Зелените со 9,5 отсто и Левичарската партија со девет отсто освоени гласови.