Handan Kazancı
04 Септември 2016•Ажурирај: 05 Септември 2016
ХАНГЏОУ (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган оствари средба со неговиот американски колега Барак Обама и соопшти дека нивните земји треба да продолжат да го одржуваат моделот на партнерство, но повика и на заеднички став во однос на терористичките организации ПКК / ПЈД во северна Сирија, јавува Anadolu Agency (AA).
Ердоган и Обама одржаa 45-минутна затворена средба на маргините на Самитот на Г20 во Кина - нивната прва средба од обидот за државен удар во Турција на 15 јули.
Разговорот се одвива на скоро две недели откако Турција ја започна операцијата против ДАЕШ, наречена „Штитот на Еуфрат”, која има за цел поддршка на меѓународните коалициски сили предводени од САД, зајакнување на безбедноста на турската граница преку расчистување на терористичките групи и одржување на територијалниот интегритет на Сирија.
Ердоган истакна дека двете земји имаат посебен однос, но истакна дека „како земји-членки на НАТО треба да усвоиме заеднички став против сите терористички организации”.
„Не постои добар терорист или лош терорист; секој вид на тероризам е лош”, рече тој.
Ердоган истакна дека борбата на Турција против терористичките организации како ДАЕШ во Сирија и Ирак, како ПКК, ПЈД и ЈПГ - вооруженото крило на терористичката ПКК / ПЈД - ќе продолжи решително.
„Ние не сакаме формирање на терористички коридор на нашата јужна (граница)”, рече тој, додавајќи дека турската војска се бори заедно со коалиционите сили за оваа цел.
„Верувам дека ќе бидеме успешни во оваа борба”, истакна Ердоган.
САД претходно ја повика Турција да ги фокусира своите напори во Сирија врз ДАЕШ, и да избегне вовлекување во судир со Сириските демократски сили предводени од ЈПГ - главниот партнер на Вашингтон во Сирија.
Турција ја смета ЈПГ како сириски огранок на терористичката група ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации на САД и Европската Унија.
Анкара инсистира итно враќање на групата на источниот брег на реката Еуфрат, повикувајќи ги САД да ја исполнат својата обврска во овој поглед, и јужно од Џарабулус групата ја зедоа за мета.
Ердоган и Обама денес говореа и за екстрадиција на Фетула Ѓулен, кој живее во САД, за кој Турција тврди дека е водач на терористичката организација ФЕТО - обвинет за поттикнување на обид за државен удар на 15 јули.
Ердоган рече дека министрите за правда и за внатрешни работи на Турција - заедно со други претставници - треба да ги посетат САД на разговари во врска со ова прашање.
Минатиот месец, турските власти ја споделија информацијата со делегациите од САД во Турција, во однос со четири различни досиеа за Ѓулен, кој е обвинет и за водење долготрајна кампања за соборување на државата преку инфилтрирање во турските институции, особено во војската, полицијата и судството.
На денешната средба со Обама, Ердоган беше придружуван од заменик-премиерот Мехмет Шимшек, министерот за надворешни работи Мевлут Чавушоглу и челникот на Националната агенција за разузнавање, Хакан Фидан.
Претходно денес, турскиот претседател оствари средба и со германската канцеларка Ангела Меркел.
Синоќа, Ердоган го одржа својот прв состанок со рускиот претседател Владимир Путин, откако односите меѓу Москва и Анкара влегоа во нова фаза по состанокот на 9 август во Санкт Петербург.
11. Самит на Г-20, на кој присуствуваат лидерите на 20-те најиндустријализирани земји во светот, се одржува во крајбрежниот град Хангџоу во покраината Џеѓанг на 4 и 5 септември.