Husameddin Gina
10 Декември 2018•Ажурирај: 11 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) – Владата на Република Македонија денес на донаторски состанок ја презентирашe двегодишната стратегија за намалување на аерозагадувањето, јавува Anadolu Agency (AA).
Владината програма пред меѓународните претставници ја претстави Бујар Османи, заменик-претседател на Владата и национален координатор за странска помош.
Тој истакна дека аерозагадувањето е еден од најгорливите проблеми со кои се соочува земјата, и еден од најтешките, најкомплексните предизвици со кој се соочува Владата на Република Македонија.

Според него, проблемот има подолга историја, меѓутоа има и негативен тренд и не може да се реши со магично стапче.
„Тоа што го знаеме како практика, и наша, меѓутоа и светска практика, е дека овој проблем не може да се реши со магично стапче, со ад хок решенија. Туку секогаш стартегиите, дали краткорочни или долгорочни, се покажале како најдобри и најодржливи начини за решавање на овој проблем со кој се соочува земјата“, изјави Бујар Османи.
Заменик-министерот за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, кој е раководител на интерресорската група за справување со загадувањето, нагласи дека планот на Владата за справување со аерозагадувањето не е обична хартија, туку е програма со дефинирани мерки и активности.
Макрадули во изјавата за медумите дадена пред донаторскиот состанок ги замоли граѓанските организации да помогнат во справувањето со аерозагадувањето.
„Јас се сложувам дека граѓаните не сакаат да загадуваат, социјално економската ситуација е таква каква што е. Затоа постојано замолувам за помош и од граѓанските организации. Има примери во Европа каде што токму граѓанските организации тропнуваат на вратата на семејствата и им кажуваат дека доколку се греат на јаглен тоа е најмногу штетно за нивното дете“, нагласи Макрадули.
На новинарско прашање колку пари се очекува да стигнат по донаторската конференција, Макрадули истакна дека само Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА) има предвидено буџет од 2,5 милиони евра.
Според Макрадули, тие средства ќе бидат наменети за поправање на мерните станици кои во моментот не работат, за нивно обновување и надградување на застарените.
Според Владата, двогодишната стратегија треба да биде и платформа за една подолгорочна стратегија за решавање на еден од најтешките, најкомплексните предизвици, со кој се соочува земјата.