СКОПЈЕ
Овластениот министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Гент Цакај, денеска, во рамки на официјалната посета на Северна Македонија се сретна со министерот за надворешни работи на оваа земја, Бујар Османи, јавува Агенција Анадолија (АА).
Цакај беше пречекан од страна на Османи пред зградата на МНР во Скопје. Османи и Цакај одржаа тет-а-тет средба, по која следуваше нивната заедничка прес-конференција.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Османи, нагласи дека со Цакај за првпат се сретнале во Брисел во 2018 година кога заедно ги воделе двете државни делегации на, како што рече, објаснувачкиот скрининг со ЕУ, и дека оттогаш заеднички почнале да работат за добивање на одлука за започнување на преговорите што се случи на Самитот во Загреб.
Според Османи, сега имаат дополнителен предизвик да ја стават во функција оваа одлука, односно, како што рече тој, да ја операционализираат оваа одлука на Европскиот совет, и тоа била една од темите на денешната средба со Цакај.
„Ја искористив можноста да се заблагодарам на Република Албанија за поддршката која ѝ ја даде на Република Северна Македонија за членството во НАТО. Сега како 30. полноправна членка на НАТО сме сојузници со Албанија што е одлучувачки момент за создавање безбедносна политичка и економска предвидливост не само помеѓу двете држави, но и во регионот“, нагласи Османи.
Тој рече дека што се однесува до билатералните односи, на средбата констатирале дека меѓу двете земја нема отворени политички прашања.
Османи информира дека со Цакај разговарале и за регионалните прашања и регионалните предизвици, како економската соработка, која, според него, треба да се интензивира во наредниот период.
„Констатиравме заеднички дека треба да создадеме механизми за следење на договорите коишто се потпишани и во рамки на меѓувладината средба помеѓу двете држави, но и преку конкретно интензивирање на динамиката на контакти и соработка, и овие одлични односи коишто ги имаме со Република Албанија да ги конкретизираме во конкретни проекти во интерес на граѓаните“, додаде Османи.
Тој рече дека посетата на Цакај на Северна Македонија е порака на блискост и пријателство.
Овластениот министер за Европа и надворешни работи на Албанија, Цакај, истакна дека односите меѓу двете земји се вкоренети во заедничките историски наследства.
„Мојата посета на Скопје е израз на нашата длабока посветеност за понатамошно развивање на билатералната соработка, за разговор за некои прашања поврзани со безбедноста и стабилноста на Западен Балкан, и нормално, за заедничко размислување за низа процеси потребни за забрзување на членството на двете земји во Европската Унија“, рече Цакај.
Тој нагласи дека не може да го скрие неговото длабоко задоволство што денеска дошол во Скопје за двојна причина.
„Прво, тука дојдов веднаш по формирањето на прозападната Влада, која има јасна визија за членството на земјата во ЕУ, зачувувајќи ги трите договори кои се доста вредни за квалитетот на меѓуетничките односи во Северна Македонија, но и за патот на Северна Македонија кон ЕУ, односно за Охридскиот договор, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство со Бугарија“, истакна Цакај, и додаде:
„Но, од друга страна, не го кријам моето задоволство што мојот пријател, господинот Османи, е првиот Албанец кој ја води дипломатијата на Северна Македонија. Ова не е елемент кој е во служба на зајакнувањето на албанскиот фактор, туку реално е вреден придонес и во патувањето за членство на Северна Македонија во ЕУ.“
Цакај нагласи дека со Османи разговарале за различни прашања за зачувување на позитивниот моментум и соработката меѓу двете земји, како и за одличните односи меѓу овие земји, и за политичките настани во регионот, особено за дијалогот меѓу Косово и Србија.
„За Република Албанија, дијалогот меѓу Косово и Србија треба да заврши не помалку од меѓусебно признавање. Сакам јасно да го изразам тоа. Исто така, разговаравме и за важноста на интензивирање на нашите заеднички ангажмани за понатамошно продолжување на процесите на членството во Европската Унија (ЕУ). Отворањето на преговорите за членство е историска одлука за двете земји“, рече Цакај.
Цакај истакна дека Албанија и Северна Македонија имаат одлична соработка во рамки на меѓународните организации, и дека како претседавач на ОБСЕ, сигурно дека Албанија исклучително ја цени соработката со Северна Македонија.
Тој рече дека се согласиле за формирање на технички секретаријат кој ќе биде институционален гарант на имплементирање на сите договори меѓу двете земји.
Според соопштеното, Цакај во рамки на посетата на земјата се очекува да биде примен и од високите претставници на Северна Македонија.
news_share_descriptionsubscription_contact
