Admir Fazlagic
02 Декември 2020•Ажурирано: 03 Декември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, денеска имаше средба со новиот специјален претставник на Владата на Република Северна Македонија за Република Бугарија, Владо Бучковски, јавува Агенција Анадолија (АА).
По заедничката средба, министерот Османи и специјалниот претставник Бучковски одржаа заедничка прес-конференција на која стана збор за вчерашното именување на Бучковски од страна на Владата на Северна Македонија за специјален претставник за Бугарија, со цел надминување на отворените историски и идентитетски прашања помеѓу овие две земји.
Министерот Османи рече дека создаваат низа механизми преку кои се обидуваат да ја зајакнат довербата во политичкиот дијалог меѓу двете земји, особено да ја вратат довербата во Договорот за пријателство од 2017 година.
Во таа насока, според Османи, дополнително на овие политички механизми е и интенцијата да се посветат на имплементацијата на Договорот од 2017 година и преку назначување на специјален претставник чија мандатна цел ќе биде токму реализацијата на прашањата од интерес на двете земји опфатени со Договорот за пријателство.
„Ние не назначуваме техничко лице, туку поранешен премиер на земјата, господинот Владо Бучковски, кој во својот мандат има остварено значаен придонес во унапредување на односите меѓу двете земји, кој во исто време е и добар познавач на билатералните односи меѓу двете земји. Со оваа одлука ние ја пополнуваме и дипломатската празнина што немаме назначено амбасадор во Софија, каде што во моментот имаме само вршител на должности и тоа со далеку посилен политички претставник отколку редовен дипломат“, рече Османи.
Тој додаде дека МНР со целиот свој дипломатски капацитет останува и натаму посветено на билатералните односи со Бугарија за што во иднина очекува да имаат блиска и тесна соработка со Бучковски.
Специјалниот претставник на Северна Македонија за Бугарија, Владо Бучковски, изрази надеж дека со неговото искуство, со, како што рече, довербата која ја има и во бугарската јавност, ќе се даде „јасен сигнал за посветеноста на Владата во исполнувањето на преземените обврски од Договорот за пријателство и соработка од 1 август 2017“.
„Со задоволство го прифатив овој предизвик затоа што сум убеден дека можеме да стигнеме до решение кое ќе го деблокира процесот, а од друга страна ќе биде во духот на европските вредности со целосно почитување на нашето достоинство“, истакна Бучковски.
Запрашан од новинарите што конкретно ќе преземе до вторник и во наредните денови за да се надмине спорот со Бугарија за Северна Македонија да напредува во евроинтеграциите, Бучковски рече дека е убеден дека ќе се најде решение, но не за седум дена.
„Можеби ќе биде потребно дополнително време, но сме на вистинскиот пат. Јас поради моето искуство нема да прифатам со нашите бугарски пријатели да ги испраќаме пораките преку медиумите, интензивно работи нашата комисија, имаме инструменти кои ни ги дава Договорот за пријателство и соработка, и ако тие инструменти се користеа досега, немаше да дојде до оваа криза“, одговори Бучковски.
Потсетуваме, на 17 ноември, по одржаната онлајн конференција на министрите за европски и надворешни работи на земјите членки на ЕУ, министерката за надворешни работи на Бугарија, Екатерина Захариева, соопшти дека нејзината земја ставила вето на преговарачката рамка на Северна Македонија за почеток на преговори за членство во ЕУ. Таа, меѓу другото, изјави: „Држава заснована врз идеологија на непријателство кон Бугарија нема место во ЕУ.“