Bekim Laci
10 Декември 2018•Ажурирај: 11 Декември 2018
СКОПЈЕ (АА) - Република Македонија ја има целосната поддршка на Албанија за членство во НАТО, а двете земји ќе ја координираат европската меѓупарламентарна активност, за да бидат отворени преговорите за членство во Европската Унија во јуни 2019 година, беше заклучокот на претседателот на албанскиот Парламент, Грамоз Ручи, по состанокот во Скопје со неговиот македонски колега, Талат Џафери, јавува Anadolu Agency (АА).
Ручи, кој престојува во официјална посета на Република Македонија заедно со парламентарната делегација на Албанија, на заедничката прес-конференција со Џафери истакна дека разговорите што ги имале биле плодни и конкретни за билатералниот интерес и за регионот пошироко.
Претседателот на Парламентот Ручи, во име на албанскиот Парламент, ги пофали со висока оценка суштинските реформи што ги презедоа и ги преземаат македонските власти. Според него, тоа се динамични реформи во демократизацијата на земјата во поглед на државотворноста, гаранциите и функционалноста на вистинско мултиетничко општество.
„На претседателот на Собранието и на неговата делегација им изразив и ја гарантирав целосната поддршка на Албанија за членството на Македонија во НАТО. Двете страни изразија заложба за координација и соработка на европската меѓупарламентарна активност во функција на отворањето на преговорите во јуни 2019 година за членство во ЕУ и за Македонија и за Албанија“, рече Ручи, според кој, на средбата биле дискутирани и прашања за регионалната стабилност, каде што е заклучено дека често се појавуваат вештачки меѓуетнички тензии со политичка позадина.
Од друга страна, претседателот на македонскиот Парламент, Талат Џафери, рече дека честите посети меѓу претставниците на двете земји помогнале да се надминат околностите кои го намалија интензитетот на односите, додавајќи дека Македонија и Албанија соработуваат за да ги остварат заедничките интереси во надворешната политика, интеграцијата во ЕУ и интеграцијата на Македонија во НАТО, „каде што имаме целосна поддршка од Албанија“.
Џафери рече дека се отвораат нови перспективи за продлабочување на односите меѓу двете земји, што ќе бидат дополнително истакнати по заедничката седница на двете влади до крајот на оваа година.
„Овде би го споменал интересот за интензивирање на економската соработка, зголемување на скромната трговија меѓу двете земји, особено инфраструктурната и енергетската интерконекција како основен предуслов за постигнување на овие цели. Секако, тука е изградбата на патот Ќафасан - Елбасан како дел од Коридорот 8, изградбата на Автопатот „Арбер“ и железничката врска“, рече Џафери.
За време на неговиот престој во Скопје, претседателот на албанскиот Парламент, Ручи, ќе се обрати пред пратениците во македонскиот Парламент, а закажана е и средба со претседателот на државата, Ѓорге Иванов, каде што, како што рече Ручи, тема ќе биде одбивањето на претседателот Иванов да го потпише декретот за Законот за јазиците.