Husamedin Gina
19 Септември 2020•Ажурирај: 20 Септември 2020
СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, за бугарскиот меморандум до земјите членки на Европската унија (ЕУ) рече дека Владата има стратегија, знае што прави и има црвени линии на бранење на националните и државните интереси, јавува Агенција Анадолија (АА).
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, денеска одржа тематска прес-конференција, на која ја претстави мисијата на Министерството за надворешни работи (МНР) во следните четири години.
Истакнувајќи дека бугарскиот меморандум отстапува од принципите на кои се заснова Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, министерот Бујар Османи рече дека изразува жалење затоа што целта на Договорот е да се создаде рамка и инструменти за да се надминат разликите што постојат меѓу двете земји.
„Имаме стратегија, знаеме што правиме. Ги имаме црвените линии на бранење на националните, државните интереси. Јас цврсто стојам на бранењето на тие интереси“, рече министерот Османи, додавајќи дека идентитетските карактеристики не се прашање на билатерален спор, туку се прашање коешто произлегува од правото на луѓето да се самоопределат и да се самоизјаснат.
Османи, осврнувајќи се на мисијата на МНР во следните 4 години, нагласи дека прв приоритет се добрососедските односи кои влегуваат во нова фаза во нашиот севкупен политички и општествен развој.
Истакнувајќи дека Владата планира да отвори шест нови гранични премини со соседите, Бујар Османи додаде дека, исто така, ќе се формираат канцеларии за младинска соработка меѓу Северна Македонија и Грција, кои ќе овозможат размена на искуства и поврзување на младите од двете земји.
Тој потсети дека во рамките на мултилатералните организации, како што се Обединетите нации (ОН), ОБСЕ, Совет на Европа, УНЕСКО, при адресирање на глобалните предизвици Северна Македонија ќе ги претстави сопствените позитивни искуства, посебно во моделот на меѓуетничките односи и добрососедството.
„Ако досега бевме само увозници на стабилност, отсега треба да покажеме дека можеме да бидеме и извозници на политичка стабилност“, додаде Османи.
- Бугарија со нови услови за Северна Македонија во однос на преговорите со ЕУ
Потсетуваме, на 16 септември, во пресрет на одлуката за започнување на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Бугарија на земјите членки на ЕУ им испратила објаснувачки меморандум, кој се состои од шест страници со долги историски образложенија за „државна антибугарска идеологија“ во Северна Македонија. Софија бара поддршка од нив за нејзиниот став во врска со македонскиот идентитет и јазик.
Во меморандумот се вели дека земјите кандидати не треба да внесуваат отворени спорови во ЕУ, и се смета дека несогласувањата со Скопје претставуваат нерешен конфликт кој „би можел при зачленувањето на Северна Македонија негативно да влијае врз носењето одлуки во ЕУ“.
Бугарските власти ја повикуваат Северна Македонија да изнајде долготрајни решенија со искрена политичка волја и храброст, и како што се вели во меморандумот, да раскине со идеолошкото наследство од комунистичка Југославија.
Што се однесува до македонскиот јазик, Бугарија во меморандумот споделен со земјите членки на ЕУ нагласува дека „македонскиот јазик или идентитет не постоеле до 2 август 1944 година“, и дека тие се создадени со цел да се поделат односите меѓу народите во Социјалистичка Република Македонија и Бугарија. Софија смета дека македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот јазик.