Agim Sulaj
19 Септември 2020•Ажурирај: 20 Септември 2020
ПРИШТИНА
Основното обвинителство во Гњилане, косовската полиција, Полицискиот инспекторат на Косово, како и други агенции, синоќа спроведоа операција во село Карачево во Општина Каменица, што се наоѓа во областа на Приштина, како и други локации во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според соопштението на државните власти за безбедност, операцијата започнала како резултат на едногодишна истрага предводена од Основното обвинителство во Гњилане, во врска со наводите за илегални активности, вклучувајќи илегално коцкање, шверцување луѓе, шверцување оружје, шверцување наркотици, криумчарење стока и други криминални активности.
Се истакнува дека досега во врска со случајот приведени се 33 осомничени лица, меѓу кои 10 полициски службеници, а запленети се машини за коцкање, како и други материјални докази, за кои се претпоставува дека биле користени во криминални активности.
Според полицијата, ова е најголемата операција од овој тип во Косово, и пример на соработката меѓу обвинителството, полицијата и полицискиот инспекторат.
„Основното обвинителство во Гњилане, во соработка и координација со косовската полиција и Полицискиот инспекторат на Косово, ги преземаат сите потребни чекори во врска со случајот“, се додава во соопштението.
Во врска со оваа операција, косовскиот премиер, Авдулах Хоти, нагласи дека оваа операција е доказ дека косовските безбедносни институции се целосно способни да обезбедат ред и закон за граѓаните на Република Косово.