Admir Fazlagic
01 Мај 2020•Ажурирај: 02 Мај 2020
СКОПЈЕ
Вицепремиерот во Владата на Северна Македонија задолжен за европски прашања, Бујар Османи, одржа прес-конференција на која информираше за следните чекори во однос на процесот на преговори со Европската Унија (ЕУ), јавува Агенција Анадолија (АА).
Во пресрет на мајскиот Самит на ЕУ кој следната недела се одржува во Загреб, Османи потсети дека во март оваа година ЕУ донесе одлука за започнување пристапни преговори со Република Северна Македонија, истакнувајќи дека тоа се случува точно 16 години по апликацијата на земјата за членство во ЕУ.
„Одлуката се случува во неочекувани услови, во услови на пандемија, меѓутоа, и покрај тоа, никој не може и не смее да ја намали нејзината вредност, бидејќи претставува отворање на последното поглавје од нашата втора стратешка цел по членството во НАТО, а тоа е полноправно членство во ЕУ“, истакна Османи.
Говорејќи за слединте чекори во однос на процесот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, Османи информираше дека заедно со одлуката за почнување на пристапните преговори, Советот на ЕУ ѝ доделува мандат на Европската комисија (ЕК) за подготвување на преговарачката рамка за условите под кои Унијата ќе ја прими Северна Македонија како своја членка.
Според Османи „преговарачката рамка се смета за најважен документ во којшто земјите членки ги утврдуваат своите позиции, а потоа ЕК којашто технички преговара во име на земјите членки, треба да ги почитува тие позиции и потоа континуирано да ги информира земјите членки“.
„Нашите информации се дека Комисијата оваа преговарачка рамка ќе ја објави, односно ќе ја презентира на 3 јуни, кога Комисијата ќе излезе и со новиот пакет за проширување, односно со годишниот Извештај за прогрес“, истакна Османи, и додаде дека во текот на јуни кога е и Самитот на ЕУ, се отвора можност за одржување на првата меѓувладина конференција.
Како што рече вицепремиерот Османи, ова значи дека преговарачката рамка би се усвоила во текот на хрватското Претседателство, а првата меѓувладина конференција би се одржала во текот на германското Претседателство, што, според него, е исклучително поволна околност за нас, имајќи предвид дека таа, Хрватска, е силен поддржувач на проширувањето. Конференцијата, според очекувањата, би се одржала некаде помеѓу септември и декември годинава.
Тој додаде дека сега е најважно да се постигне политички консензус во земјата и ова прашање да биде надвор од политичките пресметки, со цел што побрзо да се затворат преговорите за пристапување кон ЕУ.
Запрашан од новинарите за спорните прашања од историјата помеѓу Бугарија и Северна Македонија и за можноста Бугарија да го блокира патот на оваа земја кон ЕУ, Османи одговори дека очекува овој период да биде искористен за разговори и да се постигне договор во рамките на Договорот за добрососедство кој го постигнале двете држави, истакнувајќи дека улогата на овој договор е да создаде рамка и платформа за решавање на сите проблеми.