Admir Fazlagikj
01 Мај 2020•Ажурирај: 02 Мај 2020
СКОПЈЕ
Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, во Скопје, по повод Први мај - Меѓународниот ден на трудот, упати апел до Владата да ги сочува работните места во време на кризата предизвикана од пандемијата на коронавирусот (Ковид-19), а социјалниот дијалог да биде на повисоко ниво, јавува Агенција Анадолија (АА).
Марјан Ристевски, претседател на Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија, во изјава за медиумите рече дека за разлика од другите години кога организирале протестен марш, со цел одбележување на Први мај, оваа година го одбележуваат симболично, со прес-конференција од која ќе пратат порака за унапредување на работничките права.
„Овој период што се случуваше во текот на коронавирусот докажа дека себичноста на работодавачите не испадна на ниво на кое очекувавме, тие се немилосрдни штом во овој период ги отпуштаат работниците и ги оставаат без приходи“, истакна Ристевски.
Информираше дека вчера имале состанок во Владата на Северна Македонија каде што разговарале со премиерот и со одредени министри во врска со уредбата која во јавноста ја презентираше министерката за финансии, Нина Ангеловска, според која, компаниите можат да отпуштаат работници и да добиваат финансиска помош од државата.
Ристевски рече дека се надеваат на промена на уредбата и дека најавиле протести доколку уредбата не биде повлечена.
„Ни беше ветено дека на првата седница ќе се донесат уредби, ќе се гарантира минимален приход за оние што останаа без работа и дека нема да има такво процентуално отпуштање на вработените. Им се дава можност на газдите, оние работници што се храбри и сите што им пречат, да ги избркаат од работа и за возврат да земат финансии од државата“, рече Ристевски.
Во својата изјава тој им го честиташе Први мај на работниците, но упати и апел до Владата да ги сочува работните места на вработените.
„Сакам да им го честитам Први мај на работниците, се надевам дека никогаш повеќе нема да бидеме во ваква состојба. Апелирам до Владата да ги сочува работните места и социјалниот дијалог да биде на повисоко ниво. Во овој период да се интензивира социјалнот дијалог, не може само еден синдикат да преговара, мора да се вклучат повеќе чинители, повеќе синдикати, и да се знае што е работник во државата. Доаѓа период кога во Македонија работникот ќе биде почитуван“, рече Ристевски.
Тој ја информираше јавноста дека направиле проекција заедно со „Повелба за солидарност“, според која, 40 до 50 илјади лица во земјава би останале без своите работни места доколку би имало процентуални отпуштања на вработени. Според нивните податоци, во текот на март без своите работни места останале околу 6.700 лица.
Ристевски рече дека на разговорите во Владата им било ветено дека сите што останале без работа, ќе бидат вклучени во субвенции од кои државата ќе им дава плата.
По повод Меѓународниот ден на трудот, честитки упатија претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски, претседателот на Собранието, Талат Џафери и премиерот Оливер Спасовски, кои во нивните честитки ја искажаа поддршката во барањата за остварување на работничките права.