Almir Terzic
08 Август 2016•Ажурирај: 09 Август 2016
САРАЕВО (АА) - Највисоката просечна плата исплатена во поранешна Југославија, според статистичките податоци од мај оваа година, беше во Словенија - 1.016,36 евра, а најниска во Македонија, само 363,35 евра, покажува анализата на Anadolu Agency (AA).
И покрај тоа што највисоката исплатена плата и понатаму е онаа во Словенија, таа сепак е малку пониска, за 19,22 евра, во однос на платата регистрирана на крајот од минатата година. Поточно, во декември минатата година, просечната исплатена плата во Словенија изнесувала 1.035,58 евра.
Просечната плата во Хрватска во мај изнесуваше 760,88 евра (5.706 куни) и таа е помала за 1,12 евра во однос на онаа исплатена на крајот на минатата година, кога просечната плата изнесувала 762 евра.
За разлика од Словенија и Хрватска, просечната плата во Црна Гора во наведениот период бележи пораст од 12 евра. Така, просечната плата во јуни оваа година изнесува до 502 евра, наспроти 490 евра на почетокот на годината.
Благ пад на просечните плати има во Босна и Херцеговина, и тоа за 2,04 евра. Просечната плата во Босна и Херцеговина во јуни оваа година изнесува 428,46 евра (838 Км), додека во декември минатата година таа изнесуваше 430,50 евра.
Најголеми промени се случија во Србија, каде што претходно просечната плата беше најниска во поранешна Југославија, мерено од почетокот на оваа година, кога изнесуваше само 327 евра. Но, бидејќи во меѓувреме просечната плата порасна за 49,79 евра, и сега според податоците од јуни изнесува 376,79 евра (46.450 динари), Србија ја престигна Македонија, која според просечната плата падна на последното место.
Инаку, состојбата во Македонија се влошува поради фактот што висината на просечната плата според последните статистички податоци од мај оваа година во споредба со декември минатата година падна за 9,65 евра.
Така, просечната плата во Македонија сега е 363,35 евра (22.324 денари) во однос на претходните 373 евра.
Според податоците, во Македонија 1,5 проценти од вработените не примиле плата.