Abdulbesar Ademi
22 Мај 2020•Ажурирај: 23 Мај 2020
СКОПЈЕ
Неколку компании во Северна Македонија од приватниот сектор донираа 85 неинвазивни респиратори што ќе ги користат одделенијата за заразни болести во болниците низ целата земја, јавува Агенција Анадолија (AA).
На настанот на кој беше презентирана донацијата присуствуваа премиерот на земјава, Оливер Спасовски, вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи и министерот за здравство, Венко Филипче, кои им се заблагодарија на компаниите и истакнаа дека оваа донација е важна, бидејќи е во период кога земјата се соочува со новиот коронавирус (Ковид-19).
Премиерот Спасовски, во обраќањето за време на церемонијата на примопредавањето на донацијата рече дека овие неинвазивни респиратори, кои се од големо значење во овој период на пандемија, ќе се користат дури и откако ќе се добие битката со вирусот.
Со цел враќање на нормален начин на работење и живеење, премиерот Спасовски апелираше до граѓаните да се придржуваат до мерките на социјална и физичка дистанца, како и до носењето на заштитната опрема, со што, како што рече „ќе се скрати периодот во којшто работиме во вонредни услови“.
„Без да дадеме дел од себе, а најмалку од тоа што можеме да дадеме е да ги почитуваме мерките и правилата, не можеме да ја постигнеме крајната цел, а тоа е да успееме да ја добиеме битката со Ковид-19“, истакна Спасовски.
Вицепремерот Османи им се заблагодари на компаниите од приватниот сектор, за кои рече дека се „општествено одговорни компании“, кои им се придружуваат на земјите од светот кои денес покажуваат солидарност за да им помогнат на здравствените системи да се справат со оваа пандемија.
„Пандемијата ја извади на површина солидарноста меѓу земјите и луѓето. Помошта за здравствениот систем пристигна на скопскиот аеродром, а сега се придружува и приватниот сектор“, рече Османи.
Здравствените власти во земјата објавија дека бројот на заразени со Ковид-19 во земјата се зголемил на 1.921, бројката на оздравени изнесува 1.387, а потврдени се 112 смртни случаи од овој вирус.
Инаку, в недела, на 24 мај, во Северна Македонија ќе бидат одбележани два државни празници, имено, муслиманскиот празник Рамазан бајрам и националниот празник „Свети Кирил и Методиј“, додека 25 мај, понеделник, ќе биде неработен ден за сите граѓани на земјата.
На прашање на новинарите, Спасовски најави дека на владината седница која ќе се одржи денеска во 17:00 часот, меѓу другото, ќе се разгледува предлогот на Комисијата за заразни болести, која до Владата препорача полицискиот час да трае од сабота (23 мај) во 19:00 часот до 5:00 часот во вторник (26 мај).