Admir Fazlagic
22 Мај 2020•Ажурирај: 23 Мај 2020
СКОПЈЕ
Премиерот на Република Северна Македонија Оливер Спасовски во врска со зголемената рестрикција на движењето на граѓаните за време на престојниот празничен викенд ја соопшти владината одлука според која се забранува движењето на сите граѓани на целата територија на државата почнувајќи од недела, 24 мај, во 11:00 часот до вторник, 26 мај, до 05 часот, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Следејќи ја моменталната епидемиолошка состојба со Ковид-19, како и препораките на Комисијата за заразни болести, на денешната владина седница донесовме одлука за зголемена рестрикција на движењето на граѓаните за време на претстојниот празничен викенд", објави премиерот Спасовски на неговиот официјален профил на социјалните мрежи.
„Се забранува движењето на сите граѓани на целата територија на државата почнувајќи од недела, 24 мај, во 11:00 часот до вторник, 26 мај, до 05 часот. Во сабота, на 23 мај, забраната за движење останува иста како и за сите други денови, од 19 часот до 05 часот наутро", истакна Спасовски во објавата.
Инаку, в недела, на 24 мај, во Северна Македонија ќе бидат одбележани два државни празници, муслиманскиот празник Рамазан бајрам и националниот празник „Свети Кирил и Методиј“, додека 25 мај, понеделник, ќе биде неработен ден за сите граѓани на земјата.
Според последите податоци од здравствените власти на Република Северна Македонија вкупната бројка на случаи со Ковид-19 во земјата изнесува 1.921, бројка на смртните случаи изнесува 112, а бројката на оздравени лица е 1.387. Бројот на активни случаи на Ковид-19 во земјата изнесува 422.
Потсетуваме, на 15 мај претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, прогласи нова вонредна состојба во траење од 14 дена поради кризата со коронавирусот (Ковид-19), а како причина за тоа го наведе спроведувањето на економско-социјалните мерки.