Abdula Berisha
23 Мај 2020•Ажурирај: 25 Мај 2020
СКОПЈЕ (АА) - Министерството за здравство на Република Северна Македонија информира дека за прв пат во земјата е направена трансплантација на срце од починат донор, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во соопштението на Министерството стои дека мешан тим на кардиохирурзи на Клиниката за државна кардиохирургија во Скопје, по 6 часа операција, во 2 часот по полноќ трансплантирал ново срце во телото на 54-годишен пациент.
Од Министерството претходно информираа дека семејството на една почината пациентка се согласило да го донира срцето и двата бубрега, а пациентите што ги добија органите биле избрани од националните листи за чекање на срце и бубрези според медицински утврдени критериуми за совпаѓање, што ги изготви и со кои раководи Министерството за здравство.
Националниот координатор за трансплантација, д-р Маја Мојсова-Мијовска, во координација со министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, ја започна и ја водеше првата трансплантација на срце.
„Трансплантацијата е успешна. Ова е голем ден за нас. Посебен по многу нешта. Би сакале најпрво да се заблагодариме на семејството на донорот. Да се донесе одлука да се даруваат органи во моментот кога го губите саканиот, е тешко. Незамисливо тешко. Потребно е многу сила, многу љубов и многу хуманост да мислите на нечиј туѓ живот во моменти кога знаете дека сте го изгубиле најблискиот. И за ова сме им бескрајно благодарни. Тие се хероите на оваа приказна“, рече Филипче.
Министерот за здравство, исто така, го посети пациентот на кој му беше трансплантирано срце. Истакнувајќи дека ова е огромен успех за македонското здравство, министерот Филипче исто така му се заблагодари на тимот лекари составен од јавното и приватното здравство, како и на другиот медицински персонал.