Stipe Majic
20 Октомври 2020•Ажурирај: 21 Октомври 2020
ЗАГРЕБ (АА) - Хрватска искучително ги цени реформските напори на Северна Македонија, која ја поддржува на нејзиниот европски пат, порачано е на состанокот на двајцата министри за надворешни работи, како и дека Северна Македонија успешно ги решава внатрешните меѓуетнички прашања, јавува Агенција Анадолија (AA).
За време на официјалната посета на Хрватска, министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, се состана со хрватскиот министер за надворешни и европски работи, Гордан Грлиќ Радман.
Хрватска и Северна Македонија имаат одлични билатерални односи, оценија двајцата министри по состанокот, а истакнато е дека Хрватска ја поддржува Северна Македонија на нејзиниот европски пат.
„Искучително ги цениме досегашните реформски напори и изразената политичка храброст чиј резултат се историските достигнувања на Северна Македонија, а тоа се членството во НАТО и отворањето на пристапните преговори со Европската Унија“, рече Грлиќ Радман.
Реформските остварувања на Северна Македонија ги објави Европската комисија во пакетот за проширување на 6 октомври годинава, потсети Грлиќ Радман, и порача дека Хрватска меѓу членките на ЕУ ќе го поддржи договорот за преговарачката рамка како и што поскоро одржување на меѓувладината конференција, по можност оваа година.
Хрватска ќе помогне во пренесување на знаењето и искуствата од преговарачкиот процес, рече Грлиќ Радман и изрази надеж дека во мандатот на министерот Османи ќе се добие преговарачката рамка и датумот за почеток на преговорите со Европската Унија.
Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, се заблагодари на Хрватска за нејзината клучна улога во отворањето на пристапните преговори со ЕУ за време на хрватското претседавање со Советот на ЕУ во првата половина на оваа година.
„Оваа политичка одлука постигната е по 15 години чекање на кандидатскиот статус на Самитот во Загреб. Сега таа одлука треба да се спроведе во дело преку првата Меѓувладина конференција, што очекуваме да се одржи во декември годинава, за време на германското претседавање со Советот на ЕУ“, рече Османи.
На новинарското прашање како ја оценува улогата на Бугарија во одржувањето на најавената Меѓувладина конференција, Османи ја оцени улогата на оваа земја како важна за европскиот пат на земјите од регионот.
Тој истакна дека Бугарија и Северна Македонија се копретседавачи на Берлинскиот процес.
„Не се сомневам дека стратешки интерес на Бугарија е членството на Северна Македонија во Европската Унија, што го очекуваат граѓаните на двете земји. Република Северна Македонија развива автентичен модел за регулирање на меѓуетничките односи што би можел да послужи како пример за решавање на сличните односи во блискиот регион“, порача Османи.
Истакна дека пописот на населението е најавен за оваа година и дека тој не е само од техничка, туку и од политичка природа, со оглед на тоа што од Уставот произлегуваат етничките права на населението на Северна македонија.
Министрите изразија поддршка за меѓусебно подобрување на положбата и правата на националните малцинства.
Трговската размена меѓу двете земји е во пораст, беше порачано, како и нивото на политичка соработка меѓу Хрватска и Северна Македонија.