СКОПЈЕ
Министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи, го презентира новиот концепт на економската дипломатија, кој произлегува од предвидените приоритети на Мандатната мисија на Министерството за надворешни работи, јавува Агенција Анадолија (АА).
На тематската прес-конференција министерот Османи истакна дека претходно веќе најавил дека неговите амбиции во следните четири години се дипломатијата да добие дополнителна компонента, нова економска карактеристика, односно попрактична, повидлива и поисплатлива улога.
За таа цел, Османи информира дека во рамките на Министерството за надворешни работи создале акционен план којшто беше претставен и усвоен од страна на Владата.
„Новиот концепт на економската дипломатија ќе биде базиран врз јасна и прецизна стратегија за економските односи со странство, извозните потенцијали, расположливата работна сила, капацитети, земјиште и останати ресурси за странски инвестиции. Врз основа на овие импути ќе се дефинираат содржинските и географските цели на економската дипломатија, како и таканаречениот „tailor-made“ пристап, приспособен за секоја земја и регион“, изјави Османи.
Како што наведе тој, економски профилирани кадри, економски советници ќе се упатуваат во оние земји каде што има реален потенцијал за зголемување на економската соработка, односно земји со најголем потенцијал за инвестирање, земји кои се географски блиски, или имаат изразено економско-географски интерес и земји со потенцијал за туристи.
Меѓу другото, Османи информира дека економските советници ќе бидат избрани од редот на високите стручни дипломати од Министерството за надворешни работи, експерти од приватниот и јавниот сектор, како и дека сите тие, без исклучок, ќе поминат обука за особеностите и карактеристиките на економијата, спецификите на нашиот пазар, капацитетите на нашето стопанство и можностите на туристичкиот сектор.
Во првата фаза, врз основа на експертска анализа, ќе бидат таргетирани неколку европски и неколку воневропски земји со најголем потенцијал за соработка. Овие земји ќе претставуваат пилот-проект на економската дипломатија, при што искуствата и успехот ќе послужат како пример за понатамошно ширење на проектот натаму и во други таргетирани земји.
- Османи: „Договорот за добрососедство со Бугарија е гаранција за надминувње на сите разлики“
На прес-коференцијата, Османи беше прашан за македонско-бугарските односи во пресрет на министерскиот состанок на Советот на ЕУ кој треба да се одржи на 17 ноември, односно „дали и покрај ултимативните барања од бугарската страна може да се најде решение за отворените прашања?“
„Разговараме сѐ уште, не можам да го прејудицирам исходот, премногу е комплексно прашањето, премногу е краток периодот. Нашиот пристап е дека ќе работиме до последната минута во овој процес за да ги аргументираме нашите погледи кон ова прашање, да ги приближиме различните очекувања во овој процес. Моето чувство е дека решението е во враќањето на довербата дека Договорот за добрососедство е единствениот инструмент и е гаранција за надминување на сите разлики. Меѓутоа, разговараме, не можам да го предвидам исходот, остануваат уште малку денови до првиот обид“, одговори Османи и додаде:
„Ќе направиме сѐ што е можно, во рамки на едно достоинствено претставување на интересите на државата да најдеме заедничко решение, свесни дека ова прашање е од интерес и за Република Бугарија, и неуспехот, колку е неуспех за нас, толку е неуспех за Бугарија и за ЕУ и за агендата на ЕУ.“
news_share_descriptionsubscription_contact


