A. Eda Ünlü Özen
04 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Вицепремиерот и портпарол на Владата на Република Турција, Бекир Боздаг, рече дека Обединетите нации (ОН) имаат обврска и должност да го заштитат статусот на Ерусалим и оти оваа обврска е врз основа на претходните договори и одлуки на ОН, јавува Anadolu Agency (AA).
По денешната седница на турската Влада, Боздаг разговараше со новинарите и коментираше за актуелните состојби во регионот, а особено се осврна и на најавите на некои кругови дека САД се подготвуваат за признавање на Ерусалим како главен град на Израел.
„Турција сака уште еднаш да ги потсети сите актери на обврските што ги имаат во однос на заштитата на статусот на Ерусалим. Ве молиме да се воздржите од чекор што ќе го врати регионот назад во конфликти и во катастрофи. Ставот на Турција е ист како и досега. Никој од Турција не може да очекува да ги поддржи актуелните предизвикувачи на тензии“, рече Боздаг.
Коментирајќи ги случувањата во Сирија, Боздаг рече дека сите настани во таа соседна земја се директно поврзани со националната безбедност на Турција.
„Турција дава крајна поддршка за завршување на судирите, за градење мир, зачувување на територијалниот интегритет и изградбата на Сирија во која ќе биде вклучен целиот народ на земјата“, рече Боздаг.
Тој додаде дека Турција во овој процес одбива да прифати каква било соработка со терористичките организации во Сирија.
Боздаг ја коментираше и трговската соработка меѓу Турција и Иран и нагласи дека таа се одвива во согласност со националните и меѓународните правни стандарди и оти нема прекршување на меѓународните норми.
„Турција е суверена и независна држава и не можам да судам за однесувањето на другите земји", рече Боздаг.