Kemal Karadağ
05 Декември 2017•Ажурирај: 05 Декември 2017
АНКАРА (АА) - Портпаролот на кабинетот на турскиот претседател, Ибрахим Калин, изјави дека се крајно загрижувачки вестите вo врска со најавите дека САД ќе го признаат Ерусалим како главен град на Израел, јавува Anadolu Agency (AA).
„Таквото нешто би било грубо кршење на верскиот и историскиот статус на Ерусалим, како и постоечките меѓународни договори и одлуката на ОН“, порача Калин преку социјалната мрежа Твитер.
Американскиот претседател Доналд Трамп за време на минатогодишната предизборна кампања вети дека ќе ја пресели американската амбасада во Израел од Тел Авив во Ерусалим, а американските медиуми неодамна јавија дека Белата куќа подготвува процес за прогласување на Ерусалим како главен град на Израел.
Калин предупреди дека таквиот процес би го завршил веќе кревкиот мировен процес и би предизвикал нови судири и трагедии на Блискиот Исток.
„Се надеваме дека САД нема да ја направи таа катастрофална грешка. Од клучна важност е да се сочува статусот на Ерусалим и Харем и-Шериф“, нагласи Калин во пораката.