Hasan Özkal
08 Декември 2016•Ажурирај: 08 Декември 2016
АЛЕПО (АА) – Претставникот на Асоцијацијата за одбрана на човековите права и добродетелство (ИМКАНДЕР) во Алепо, Меџид Осман, изјави дека се интензивираат воздушните и копнените напади од страна на режимот на Асад и Русија во Алепо, јавува Anadolu Agency (AA).
Осман рече дека е сѐ потежок животот на над 200 илјади цивили кои се под опсада во Алепо, каде што се интензивираат нападите. Тој укажа на потребата од итно отворање на коридорот за достава на хуманитарна помош.
Осман истакна дека случувањата во Алепо се човечка драма: „Воените елементи, припадниците на режимот на Асад и Русите, без прекин продолжуваат со бомбардирање на цивилното население од воздух и од копно. Нападите стануваат сѐ понасилни. Моментално, руските воени авиони го бомбардираат населението, како да го покриле небото над Алепо. Овде се случува човечка драма и геноцид. Нашите болници се срамнети со земја. Нема лекови, а децата се борат со смртта поради недостигот на храна“.
Тој забележа дека терористичките организации ПКК/ПЈД ги зазедоа населбите каде што живеат Туркмените и ги ограбуваат нивните домови.
„ПКК/ПЈД ги зазедоа населбите каде што живееме ние, Туркмените; ги запленуваат прехранбените производи и лековите од складишта за помош на нашиот народ. Нѐ вадат од нашите домови, ни ги земаат вредните работи и ги палат нашите домови. Ова ја покажува омразата на ПКК/ПЈД кон нашиот народ. Соединувајќи се со Русија и со Асад, ПКК/ПЈД спроведуваат геноцид врз нашиот народ. Упатувам апел до целиот свет, спасете ги децата во Алепо, спасете ги старите лица. За нас, единствената пречка да се бориме се токму тие. Во овие ладни зимски денови, покрај недостигот на храна, народот мизерува под интензивното бомбардирање. Одовде, особено апелирам до претседателот Реџеп Таип Ердоган, да не ги заборава нашите браќа. Господ нека им биде на помош на угнетените муслимани во Алепо“, вели Осман.
- „Молете се за нас“ -
Еден од помошниците на Асоцијацијата во Алепо, Туркменот Ебо Гадап Фираз, во изјава за АА рече дека над 200 илјади лица се опколени од сите четири страни од режимот на Асад.
„Алепо е опколен. Сакаат да го масакрираат цивилното население. Оваа вечер, ги повикувам сите муслимани, од целиот свет, да се молат за над двестоте илјади луѓе кои се под опсада во Алепо. Јас како Туркмен, ги повикувам сите муслимани, најпрво во Турција, па и во целиот свет, да му помогнат на овој народ во опсада, кој гладен и во беда ја чека смртта“, порачува Фираз.