Tayfun Salcı
31 Август 2018•Ажурирај: 01 Септември 2018
ЛОНДОН (АА) - ТАЈФУН САЛЧИ - Извршниот директор на Бурманската мрежа за човекови права (BHRN), Кјав Вин, изјави дека доколку муслиманите од Аракан бидат препуштени сами на себе, тоа би можело да има многу опасни последици, јавува Anadolu Agency (AA).
Вин, кој е на чело на мрежата со седиште во Лондон, во разговор со новинарот на АА зборуваше за кршењето на човековите права на муслиманите од Мјанмар, а во таа прилика изјави дека муслиманите од Аракан сочинуваат дури 30 отсто од вкупната муслиманска популација во оваа земја. Според неговите зборови, јавноста не е доволно запознаена со проблемите со кои се соочени останатите 70 отсто од муслиманите во оваа земја.
Иако, како што рече Вин, според официјалните податоци муслиманите сочинуваат четири отсто од вкупно 44 милиони жители на Мјанмар, процентот на муслиманите во Мјанмар е поголем од 10 отсто.
„За тамошните муслимани формирана е нова законска категорија. Доколку сте муслиман, вие не се сметате за Мјанмарец, туку за „мешана раса“. Имате проблеми кога сакате да извадите пасош. Тоа е процес кој знае да трае и со месеци и за време на кој дома ви доаѓаат припадници на разузнавачките служби, разговараат со соседите, собираат информации“, изјави Вин.
Тој нагласи дека во овој процес сè поголем број муслимани се оставаат „без држава“ и без право на државјанство.
„Муслиманите од Аракан со тоа беа соочени пред 20 години. А сега со истиот проблем се соочени сите муслимани во оваа земја. Во таа смисла, ако денес Араканците ги оставиме препуштени сами на себе, тоа ќе го сториме и кон останатите 70 отсто муслимани во земјата. Последиците од тоа можат да бидат многу опасни“, изјави Вин.
Изнесувајќи критики на сметка на министерката за надворешни работи и лидерка на Мјанмар, Аун Сан Су Чи, Вин изјави дека политичарката и добитничка на Нобеловата награда за мир практично станала портпаролка на мјанмарската Војска.
Тој потсети дека Су Чи ја бранела мјанмарската Војска пред ОН и меѓународната заедница, и дека тројцата генерали одговорни за геноцидот ги нарекла „слатки членови на Владата“, и негирала какви било злосторства.
„Су Чи или треба да застане против геноцидот врз муслиманите од Аракан, да ги запре сите слични злосторства, да се изведат пред лицето на правдата одговорните за сите сторени злосторства, или треба да поднесе оставка“, порача Вин.
Истражителите на ОН на 27 август побараа водечките генерали на мјанмарската Војска да се процесуираат за геноцид врз Рохинџа муслиманите, со што вниманието на јавноста повторно е насочено кон припадниците на тоа малцинство кое е изложено на повеќегодишно систематско насилство и кон протераните што престојуваат во камповите без услови во соседен Бангладеш, каде што водат борба за прежувување.
Според последните податоци на ОН, од Мјанмар во изминатите 12 месеци во Бангладеш побегнаа најмалку 700.000 Рохинџа муслимани. Поголемиот дел од нив се жени и деца, а „Амнести интернешнал“ тврди дека станува збор за бројка од 750.000 пребегнати.
Во Аракан во 70-тите години од минатиот век живееја околу два милиони Рохинџа муслимани, а претпоставките се дека сега на тоа подрачје живеат помалку од 300.000.
Меѓународните организации за заштита на човековите права во изминатиот период објавија сателитски снимки на кои се гледа како во налетот на мјанмарската Војска се запалени повеќе од 350 муслимански села во Аракан.