Muhammed Ali Gürtaş
31 Август 2018•Ажурирај: 03 Септември 2018
АНКАРА (АА) - Европската комисија ги објави прелиминарните резултати од онлајн анкетата за поместување на стрелките на часовникот поради премин на летно и зимско сметање на времето во Европа, според кои 84 отсто од учесниците во анкетата се изјасниле за укинување на регулативата за поместување на часовникот, јавува Anadolu Agency (AA).
„Според прелиминарните резултати од анкетата, 84 отсто од испитаниците се изјасниле во корист на укинување на поместувањето на времето на часовниците два пати во текот на годината“, соопшти ЕК.
Во анкетата учествуваа 4,5 милиони испитаници од сите 28 земји на ЕУ, што досега е најголем број на учесници во која било од јавните консултации започнати од ЕК.
Европската комесарка за транспорт, Виолета Булц, изјави дека милиони Европјани учествувале во анкетата бидејќи сакале да се слушне нивниот глас.
„Пораката е многу јасна: 84 отсто од нив не сакаат повеќе да го поместуваат времето на часовниците. Ние ќе се однесуваме во согласност со тоа и ќе ги подготвиме одлуките што ќе им ги предложиме на Европскиот парламент и на Советот, кои потоа ќе одлучат заедно“, изјави Булц.
Од ЕК порачаа дека конечните резултати од анкетата ќе бидат објавени наредните недели.
Напоменаа дека од 1980 година ЕУ постепено воведувала законодавство што го прифатиле членките, согласувајќи се да ја координираат промената на времето на часовниците во согласност со тоа. Потсетуваат дека од 1996 година сите Европјани ги помесуваат часовниците за еден час понапред последната недела во март и еден час наназад последната недела во октомври.
„Целта на тие правила беше да се хармонизира времето во ЕУ за да се надминат проблемите, најмногу во областа на транспортот и логистичкиот сектор, кои настанаа поради неусогласени примени на промените на времето на часовниците во текот на годината“, наведува ЕК и додава:
„Паралалено со аранжманот за временскиот влез во ЕУ, земјите членки применуваат три различни временски зони или стандардно време - одлуката за стандарното време е национална надлежност“.