İlker Girit
13 Септември 2017•Ажурирај: 14 Септември 2017
СТРАЗБУР (АА) - Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, денес изјави дека на Европската Унија ѝ се потребни реформи за подобра иднина, јавува Anadolu Agency (AA).
„Почнавме да го поправаме покривот, но сега треба да ја завршиме работата додека сонцето сѐ уште сјае“, рече Јункер во своето обраќање за состојбата на Унијата, на седницата на Европскиот парламент во Стразбур.
Нагласувајќи дека е заинтересиран само за институционалните реформи кои можат да ѝ донесат ефикасност на Унијата, Јункер предложи спојување на функциите претседател на Европската комисија со функцијата претседател на Европскиот совет, додавајќи дека Европа така подобро би функционирала.
Осврнувајќи се и на предлогот на францускиот претседател Емануел Макрон за формирање на нов парламент за земјите на единствената монетарна унија, Јункер рече: „Парламентот на еврозоната е Европскиот парламент“.
Понатаму Јункер истакна дека на Европската Унија ѝ треба европски министер за економија и финансии кои би ја промовирал поддршката на структурните реформи во членките на блокот.
„Сега е време да се изгради единствена, посилна и подемократска Европа за 2025 година“, порача Јункер.
Истакнувајќи дека ЕУ мора да биде поефикасна и во борбата против тероризмот, Јункер нагласи дека е неопходно да се формира европска разузнавачка единица која би овозможила непосредна размена на информации за терористите и странските борци меѓу разузнавачките и полициските структури.
„Во изминатите три години постигнавме вистински напредок. Меѓутоа, и понатаму сме слаби во поглед на брзата реакција на прекуграничниот терористички криминал“, рече Јункер и додаде дека е потребен нов европски обвинител кои би ги процесуирал овој вид терористички закани.
„Шенген зоната на слободно движење треба веднаш да биде отворена за Бугарија и за Романија, доколку сакаме да ја зајакнеме безбедноста на нашите надворешни граници. Треба и на Хрватска да ѝ дадеме можност да стане полноправна членка на Шенген, штом ќе ги исполни критериумите“, рече Јункер.
Јункер исто така додаде дека еден од приоритетите на Европа треба да биде и заштитата на дигиталниот простор, и додаде дека Европа не е доволно опремена за борба против компјутерскиот криминал.