Aynur Ekiz
29 Август 2018•Ажурирај: 30 Август 2018
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган порача дека остварувањето на целите што Турција ги постави до 2023 година ќе ја одреди насоката за иднината на целиот регион, јавува Anadolu Agency (AA).
Во Турција денес се одбележува Денот на победата, празник посветен на сеќавањето на победата која во Војната за независност во 1922 година ја извојуваа турските сили предводени од војсководецот и основачот на современата Република, Мустафа Кемал Ататурк.
Турскиот претседател по тој повод објави честитка до нацијата во која оддава почест на Ататурк и неговата војска.
Во пораката се наведува дека победата која турските сили ја извојувале во Чанаккале, Малазгирт и другите региони е симбол за одлучноста на турскиот народ во одбраната на сопствената слобода и иднина.
„Турскиот народ и на 15 јули 2016 година на светот уште еднаш му ја покажа својата одлучност во одбраната на сопствената слобода и иднината, кои се најдоа на удар на империјалистичките кругови. Како што беше случај и во историјата, ние и денес се бориме за благосостојбата на сите загрозени лица кои својата надеж ја полагаат во нас“, порача Ердоган.
Тој понатаму наведе дека таа срдечност не е никаква слабост, туку најголем извор на сила на Турција.
„Остварувањето на целите на Турција предвидени за 2023 година ќе ја одредат насоката за иднината на целиот регион. Победата извојувана на денешен ден, како и нашите други победи, ни покажуваат дека патиштата на успех ни се секогаш отворени, без оглед на потешкотиите со кои се соочуваме. Прогресот што го остваривме последните 16 години ни потврдува дека тоа е можно. Уверен сум дека и денес сме на пат на нови успеси и победи. И во сегашната борба ќе победиме заедно со оние што ѝ веруваат на Турција и турскиот народ“, порача турскиот претседател Ердоган.