Diyar Güldoğan
04 Април 2018•Ажурирај: 05 Април 2018
АНКАРА (АА) - АРИФЕ ЈИЛДИЗ УНАЛ -
„Изградбата на третиот аеродром во Истанбул ќе биде завршена навреме“, соопшти денес турскиот министер за транспорт, поморски работи и комуникации, Ахмет Арслан, јавува Anadolu Agency (AA).
„Во моментот немаме никакво доцнење во однос на зададените рокови и проектот ќе биде завршен во планираниот рок“, истакна министерот Арслан, кој во изјава за АА ги демантираше тврдењата на одредени медиуми за наводни финансиски потешкотии во реализацијата на проектот за изградба на најголемиот аеродром на светот.
Тој појасни дека проектот се спроведува во соработка со јавниот и приватниот сектор, според моделот „изгради-управувај-предај“, и додаде дека во таквото раководење на проекти најголем ризик постои во периодот на градежните работи.
„Вистина е дека во првата етапа имавме случај на надминување на предвидениот буџет, бидејќи се појави потреба од дополнителна работа за осигурување на тлото. Додатните финансиски извори се обезбедени во согласност со условите од Договорот“, рече Арслан.
Истакнувајќи дека станува збор за мегапроект, кој е важен и за имиџот на Турција, Арслан рече дека е сосема природно, во толку големи проекти, во одредени фази на изградбата, да се појави потреба од додатни финансиски средства, но дека е важно тие да се обезбедат согласно договорите.
Тој нагласи дека околу 85 проценти од изградбата на аеродромот се завршени и додаде дека изведувачот на работите продолжува со својата инвестиција во согласност со одобрениот план за работа.
На изградбата на аеродромот, моментално работат над 15.000 луѓе, а официјалното отворање на првата етапа од новиот аеродром е планирано за 29 октомври, денот кога Турција го одбележува Денот на Републиката.
Кога ќе биде комплетиран, новиот аеродром ќе го преземе поголемиот дел од патничкиот сообраќај од Меѓународниот аеродром „Ататурк“, ќе биде домаќин на 250 авиокомпании кои летаат на повеќе од 350 дестинации, правејќи го еден од најголемите сообраќајни центри во светот.
Кога ќе биде завршена првата фаза, оваа година, аеродромот ќе го поседува најголемиот терминал под еден покрив во светот, со површина од речиси 11 милиони квадратни метри и капацитет за опслужување на 90 милиони патници годишно.