Islam Uddin
01 Јули 2021•Ажурирај: 02 Јули 2021
ИСЛАМАБАД (АА) - Турција може да игра важна улога во донесувањето мир во Авганистан, поради нејзиниот став на почит кон земјата зафатена од војна, велат политичките и безбедносни експерти од трите земји, јавува Агенција Анадолија (АА).
Говорејќи на семинарот на тема „Разговори за авганистанскиот мировен процес: Улогата на Турција во Авганистан“, организиран од тинк-тенк Институтот за стратешки студии „Исламабад“ (ISSI), поранешниот министер за надворешни работи на Пакистан, Азиз Ахмад Чаудри, рече дека ситуацијата во Авганистан е многу критична.
„Сите знаеме колку е клучно да имаме мир во Авганистан. Мислам дека никој не знае повеќе од пакистанската Влада, нејзините водачи и народ дека нестабилниот Авганистан може да биде кошмар за целиот регион“, рече Чаудри, кој е и генерален директор на Институтот.
„Турција и Авганистан имаат долгогодишни дипломатски односи кои датираат од 1920 година и Анкара се обидува да најде начини да започне одреден политички процес“, додаде тој.
Мурат Аслан, експерт за безбедност од Турција, рече дека политиката на Анкара се заснова на политика за заеднички интерес, наспроти онаа заснована на личен интерес.
„Интересите на Авганистан се за мирна стабилна земја, со цел да се реализираат какви било развојни проекти“, рече тој.
„Кога бев во Кабул, им поставив едно прашање на неколку луѓе - ’Како гледате на Турција?‘ И сите го дадоа истиот одговор: ’Турција е нашa братска земја‘“, истакна Мурат Аслан.
Со предлогот на Турција за нов трилатерален механизам што ја вклучува Турција за заштита на аеродромот во Кабул по повлекувањето на САД од Авганистан, експертката за одбрана од Анкара, Мерве Серен, сугерира дека на присуството на Турција во Кабул му треба правно покритие од Обединетите нации.
„Присуството на Турција во Авганистан треба да се легитимира преку резолуција на ОН и исто така авганистанската Влада треба официјално да побара од Анкара да му помогне на авганистанскиот народ“, рече Серен, доцент на Универзитетот во Анкара „Јилдирим Бејазит“.
„Турција мора да биде таму не само поради прашањето на НАТО, туку мислам дека имаме многу голем проблем со миграцијата, [бидејќи] добиваме најмногу мигранти од Сирија, а потоа од Авганистан“, додаде таа.
Зборувајќи пред новинарите на 14 јуни на крајот од серијата состаноци со лидерите на НАТО на маргините на Самитот на Алијансата во Брисел, Белгија, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека Турција исто така бара вклучување на Пакистан и Унгарија во новата мисија во Авганистан по заминувањето на силите на НАТО предводени од САД.
- Големата улога на Турција во Авганистан -
Поздравувајќи го предлогот на Ердоган, турските трупи да го чуваат аеродромот во Кабул, Залмаи Нишат, висок експерт за политика со седиште во Кабул, рече дека улогата на Турција во Авганистан ја гледа како поголема.
„Турција може да игра важна улога во градењето на внатрешен консензус меѓу мултиетничкото население во Авганистан и исто така во градењето на регионален консензус“, рече тој.
„Турција еволуира да игра улога на реконструкција и градење капацитети во Авганистан. Затоа, Турција е во најдобра позиција да игра потенцијално голема улога, што треба силно да се охрабри", рече поранешниот амбасадор на Пакистан во Турција, Мухамед Харун Шаукат.
Осврнувајќи се на моменталната состојба во Авганистан, експертите велат дека политичкиот процес е единствениот начин да се решат работите.
„Со ограничени придобивки, Авганистан е далеку од стабилен, бидејќи продолжува да се соочува со мноштво проблеми, претставувајќи ги на тој начин предизвиците пред меѓународната заедница и регионот“, рече Амина Кан, директорката на Центарот за Авганистан, Блискиот Исток и Африка во тинк-тенк Институтот за стратешки студии „Исламабад“.