Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
01 Јули 2021•Ажурирај: 02 Јули 2021
ИДЛИБ (АА) - МЕХМЕТ БУРАК КАРАЏАОГЛУ / АХМЕТ КАРААХМЕТ -
Цивилите од Идлиб, кои поради нападите на силите на сирискиот режим и неговите сојузници избегаа во камповите близу границата со Турција, се надеваат дека граничниот премин Баб ал Хава ќе остане отворен за доставување помош.
По информациите дека би можело да дојде до спречување на преминување на помошта преку граничниот премин Баб ал Хава, неколку милиони луѓе би можеле да бидат соочени со ризик од глад.
Ел Ахмед Гајмис во кампот „Ел Рахма“, Идлиб, побегнал од Мааратуннуман. Истакнува дека ако граничниот премин Баб ал Хава биде затворен за транспорт на помош, тој нема да може да набавува лекови за своите две болни деца.
Додава дека децата имаат проблем со замаглување на свеста.
„Подолго од година и половина користиме лекови. Треба да ги користиме уште две години. Тие мораат да ги користат секој ден, во спротивно нивната здравствена состојба се влошува. Доколку граничниот премин Баб ал Хава биде затворен, и децата ќе останат без лекови. Што се децата виновни за сево ова?“, праша Гајмис.

Енес Габи пред година и половина избегал од Марет ел Шурина, јужно од Идлиб. Нивната единствена надеж за преживување е помошта која пристигнува преку граничниот премин Баб ал Хава.
„Таа Русија што ги руши нашите куќи, ги бомбардира нашите градови, сега сака да го затвори граничниот премин“, рече Габи.
Тој повтори дека граничниот премин Баб ал Хава е нивната единствена надеж.
„Сета помош, лекови, пристигнува преку овој премин. Неговото затворање би значело смрт за милиони бегалци кои се тука“, рече Габи.
Слично мислење има и Ахмед Абу Али кој рече дека ако биде запрено доставувањето помош, населението на тоа подрачје ќе биде под опсада.
„Затворањето на овој премин за нас значи умирање од глад. Доволно ни е тешко и кога преминот е отворен“, рече Али.
Мухамед Фахид избегал во кампот „Ал Андалус“.
„Им се обраќам на сите официјални претставници, ако го затворат овој премин, луѓето ќе умрат од глад. Затворањето на преминот значи започнување нова војна против населението и нова опсада. Им се обраќаме на сите странски и арапски официјални претставници. Нашата состојба и онака е тешка, нека не го затвораат преминот“, рече Фахид.
Обединетите нации (ОН), во согласност со Механизмот овластен врз основа на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН, со која се овозможува доставување меѓународна помош во Сирија, од 2014 година доставуваат помош за милиони луѓе.
Населението кое избега во Идлиб, северозападна Сирија, зависи од оваа помош.

Меѓународната помош, која се состоеше од храна, лекови, медицинска опрема и средства за хигиена, до 2020 година беше испраќана преку четири гранични премини од кои два беа во Турција. Поради ветото и жалбата на Русија, претходно бројот на гранични премини беше намален на два. Потоа Русија одобри Баб ал Хава, кој се наоѓа спроти граничниот премин Џилвеѓозу (Турција), да биде отворен само уште една година.
Секој месец преку граничниот премин Баб ал Хава, во Сирија се испраќани над илјада камиони со помош, но рокот на Механизмот што го држи овој граничен премин отворен истекува во јули.
СБОН треба да го обнови споменатиот механизам со цел преминот да остане отворен, а со тоа и да продолжи доставувањето помош.
ОН, меѓународните хуманитарни организации, Турција, САД и западните земји сакаат да го зголемат бројот на гранични премини преку кои може да се испраќа помош. Меѓутоа, Русија и Кина, која е покрај Русија кога станува збор за Резолуцијата на СБОН во врска со Сирија, не гледаат со воодушевување да го задржат граничниот премин отворен.
Русија, во краток период пред истекувањето на рокот на Механизмот за испраќање на помош преку границата, го брани аргументот дека хуманитарната помош треба да се испраќа преку областите контролирани од режимот.
Џилвеѓозу, кој е единствениот граничен премин преку кој секој месец во Сирија се испраќаат повеќе од илјада камиони помош, доколку Русија поднесе приговор, ќе биде затворен за доставување хуманитарна помош.
САД и западните земји во Советот за безбедност на ОН (СБОН) бараат повторно отворање на граничниот премин Бабушселаме (наспроти преминот Онџупинар, во Турција), кој беше затворен во декември 2019 година, и граничниот премин Ел Јарубие, на границата помеѓу Ирак и Сирија.