Enes Kaplan
01 Јули 2021•Ажурирај: 02 Јули 2021
АНКАРА (АА) - Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во Анкара го претстави Четвртиот национален акционен план за борба против насилството врз жените во таа земја, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Нашата борба против насилството врз жените не започна со Истанбулската конвенција, ниту се завршува со нашето отстапување од неа“, порача Ердоган.
Тој најави дека Турција ќе ја продолжи опсежната и одлучна борба против насилството врз жените и борбата за остварување на нивните права, токму како што го правеше тоа и во текот на изминатиот период.
„Борбата против насилството врз жените, токму како и борбата против пандемијата, ќе мораме да ја водиме на искрен и објективен начин, без да биде тема на политички дискусии“, изјави Ердоган.
Турскиот претседател понатаму изјави дека со новиот акционен план додатно ќе биде интензивирана борбата против насилството врз жените.
„Ќе продолжиме да ги преземаме и сите административни и законски чекори за да одговориме на променливите услови и новите потреби“, порача Ердоган.
Тој понатаму изјави дека првата цел на Четвртиот национален акционен план за борба против насилството врз жените е поставена со ревидирање на законските рамки и нивните ефикасни имплементации.
„Според нашето верување, човекот е најважен меѓу сите битија, а сите други особини, сите други разлики заостануваат зад овој возвишен атрибут. Институциите кои ги нарекуваме општество и семејство исто така настануваат со заедничкото постоење на мажите и жените, добиваат смисла и се продолжуваат. Менталитетот кој луѓето ги сместува меѓу супериорните само поради нивниот пол, нема место во нашата цивилизација и култура“, порача Ердоган.
Во Турција, во рамките на новиот акционен план, наскоро ќе започнат и стручните едукации за контрола на бесот за лицата кои извршиле насилство врз жените или во семејството и лицата кои се склони кон такви дела.
„Вистинската цел на нашиот акционен план е промената на аголот на гледање на насилството врз жените и зголемената емпатија во правец на јакнење на свеста во општеството“, изјави Ердоган.
Тој исто така изјави дека успешната борба против насилството врз жените може да се води само со вклучување на целото општество и со искрен придонес на секој поединец.
„Борбата против насилството врз жените е и борба за правата и честа на сите наши мајки, сопруги и ќерки“, заклучи Ердоган.