Ufuk Ertop,Gökhan Zobar
01 Јули 2021•Ажурирај: 02 Јули 2021
КИРКЛАРЕЛИ/ЕДРЕНЕ (АА) - Во Тракија, Турција, во рамките на борбата против новиот тип на коронавирусот, здравствените работници и лицата постари од 50 години започнаа да ја примаат третата доза на вакцината против Ковид-19, јавува Агенција Анадолија (АА).
Граѓаните, по добиениот термин, заминуваат во здравствените домови и болниците во Едрене, Киркларели и Текирдаг, каде што ја примаат вакцината.
Поради големата заинтересираност на граѓаните, повремено доаѓа до гужви.
Вработена во болницата во Киркларели, Севги Озјуксел, за АА изјави дека се многу среќни што имаат право на трета доза.
Озјуксел изјави дека веднаш ја примила новата доза на вакцина, откако остварила право на неа.
„Многу е убаво што е воведена трета доза, ние тоа и го очекувавме. Веќе дојдовме до летните месеци и уморни сме. Сега се чувствувам побезбедно“, вели Озјуксел.
Среќата поради третата доза не ја крие ни Илке Караџам.
Таа истакнува дека и покрај вакцинацијата, потребно е да се придржуваат до сите пропишани мерки.
„Секој ден се појавуваат нови варијанти и тоа додатно ја отежнува целокупната ситуација. Затоа, ќе биде потребна дополнителна претпазливост. Господ нека е на помош на здравствените работници, навистина не им е лесно“, додава Караџам.
Меѓу доброволците е и медицинската работничка Есра Каплан која ги повика сите граѓани на вакцинација.
Граѓанинот Неџати Кор (65), дозата на вакцината ја прими во болницата во Едрене, заблагодарувајќи им се на сите работници за нивното несебично заложување. Тој ги повика граѓаните да ја продолжат борбата против пандемијата.
Медицинската сестра Јелиз Парти укажа на значењето на колективниот имунитет.
Во Едрене досега се дадени вкупно 365.042 дози од вакцината, во Киркларели 311.015, а во Текирдаг - 739.864.