Турција, култура и уметност

Уметница за филцување го пренесува древниот занает на младите генерации

- Неџмије Текин во младоста развила страст за уметноста на филцувањето, инспирирана од рачно изработуваните производи од овча волна во домовите

Orhan Sağlam  | 26.02.2026 - Обновена : 26.02.2026
Уметница за филцување го пренесува древниот занает на младите генерации Orhan Sağlam/АА

ВАН (АА) - Неџмије Текин (53), од турскиот град Ван, која е носителка на културното наследство во текстилната уметност филцување, користи исклучиво традиционални методи и е посветена на својата мисија да го пренесе овој древен занает на помладите генерации.

Текин, која заедно со своите три деца живее во областа Ипекјолу, во младоста развила страст за уметноста на филцувањето, инспирирана од рачно изработуваните производи од овча волна во домовите.

Дипломирајќи на Одделот за културно наследство и туризам, Текин со години ја одржувала својата силна врска со уметноста, работејќи истовремено како едукатор во областа на ракотворбите и посветувајќи му се на својот занает, филцувањето.

Откако посетила специјализирани обуки за производство на филц во Анкара и Истанбул, каде што го усовршила своето мајсторство, 53-годишната Текин минатата година отворила своја работилница во турскиот град Ван, каде што започнала со активно производство.

Таа ги пласира своите производи до љубителите на уметноста под сопствен бренд, а во 2023 година, откако успешно ги положила испитите организирани од Министерството за култура и туризам, се стекнала со титулата „Носител на нематеријално културно наследство“.

Со цел да го пренесе своето искуство на новите генерации, Текин во својата работилница заедно со своите ученици изработува валани капи (таке), шалови, чанти, волнени таписерии, сувенири и декоративни предмети од овча волна. На овој начин, таа истовремено ја одржува во живот оваа древна уметност и остварува економски приход.

Текин за Анадолу изјави дека нејзиниот интерес за филцувањето се родил уште во младоста, а била инспирирана од традиционалните производи како килими, чанти и капи кои во домовите рачно се изработувале.

„Страста кон уметноста секогаш ја одржував жива“, додаде Текин.

„Веќе 12 години професионално се занимавам со уметноста на филцувањето. Филцот е првиот текстилен производ во светот. Тоа е древен начин на производство, стар колку и историјата на човештвото, кој отсекогаш постоел во хармонија со природата. Филцот е вреден материјал кој се обликува со природна волна, вода, сапун и многу труд, без никакви хемикалии. Филцувањето не го гледам само како занает. Мојата цел е оваа древна уметност да ја пренесам на идните генерации и да оставам еколошки производ кој не содржи хемиски отпад“, рече таа.

Текин го опишува процесот на изработка на филц како израз на длабока врска со внатрешното патување на човекот.

„Откако ќе влезам во работилницата, го заборавам надворешниот свет. Филцувањето е уметност на сликање со волна. Создавањето на таа слика со помош на волната, доживувањето на тоа чувство, ми носи огромна среќа. Кога работев на минијатурата на Ван, се вратив во тој период, шетав по улиците; ги изработив делата преживувајќи го секој момент“, вели таа.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın