Жена која дипломирала на 54 години како првенец на факултетот, создава мозаици
- Белгин Ајнур во 2020 година решила да го развие својот талент и целосно се посветила на уметноста
БИЛЕЏИК (АА) - Белгин Ајнур (54), која во 2024 година, како првенец на отсекот, дипломирала на Факултетот за ликовни уметности и дизајн при Универзитетот „Шејх Едебали“ (БШЕУ) во турскиот град Билеџик, во својата работилница отворена во центарот на градот изработува мозаични дизајни со употреба на природни камења.
Ајнур, како мајка на три деца која долги години работела во различни приватни компании и во тој период аматерски се занимавала со сликарство во својот дом, во 2020 година решила да го развие својот талент и целосно се посветила на уметноста.
Во тој поглед, таа ги поминала приемните испити за таленти и истата година се запишала на Отсекот за керамика и стакло при Факултетот за ликовни уметности и дизајн (БШЕУ). Во 2024 година, дипломирала како првенец на факултетот и отсекот, и ја отворила својата работилница во центарот на градот, само 6 месеци по дипломирањето.
Социјалните мрежи и кругот на луѓе кои ја познаваат се клучен двигател за продажбата на нејзините дела, а оттогаш во својата работилница изработува мозаични дизајни од природни камења кои ги набавува од приватни компании во Бурса и Билеџик.
Во своите дела кои генерално ги нуди на продажба во Билеџик, претежно претпочита човечки и животински фигури, како и различни анадолски мотиви. Повремено, Ајнур држи и волонтерски курсеви во Градскиот совет каде што живее.
На своите курсеви користи камења што ги набавува бесплатно од фабриките за мермер и керамика во градот, камења што инаку се неупотребливи за производство.
Ајнур, која ги продолжува магистерските студии на отсекот каде што дипломирала, била инспирација и за тројца нејзини пријатели да започнат со изучување на правењето дела од керамика и стакло. Кога не е на факултет, поголемиот дел од времето го поминува во работилницата со своите двајца ученици кои ги обучува.
- Делата се изработуваат во рок од една недела до три месеци
Белгин Ајнур за Анадолу изјави дека по одгледувањето на децата, сакала да одвои време и за себе.
Причината поради која се запишала на Факултетот за ликовни уметности и дизајн е токму таа.
„Особено син ми сакаше да се занимавам со керамика. Ми велеше: ’Веќе се занимаваш со сликарство, пробај и со керамика‘. Можам да кажам дека најдобрите четири години од мојот живот ги поминав на факултет. Таму веќе не постои поимот возраст. Сите се како на иста возраст“.
„Техниката за мозаик ја научив во училиштето“, вели Ајнур.
Зборувајќи за процесот на изработка, таа додаде: „Прво започнуваме со креирање на дизајнот на компјутер. Потоа ги подготвуваме соодветните камења. Потоа со помош на пинцета се лепат еден по еден. Ја поставуваме нашата визуализација на подлогата. И на крајот завршуваме со нанесување фуга, лак и премаз. Завршувањето на едно дело трае од една недела до три месеци, во зависност од трудот и дизајнот“.
„Учењето не познава години“, додаде таа.
На почетокот, некои луѓе ѝ велеле: „Дали има потреба од ова на оваа возраст?“, но подоцна ја поддржале.
„Моето семејство секогаш беше покрај мене. Во мојата работилница воопшто не се заморувам. Велам: ’Оставете ме тука три дена, ништо друго не барам‘“.
Ученикот на Ајнур, 34-годишниот градежен инженер Бахадир Караман, истакна дека поголемиот дел од своето време надвор од работата го поминува во работилницата. Напоменувајќи дека сака да се развива во областа на мозаикот, Караман раскажа дека поминуваат пријатно време со Ајнур.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
