Admir Fazlagic
31 Март 2016•Ажурирај: 02 Април 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во присуство на голем број љубители на филмот, како и многубројни лица од јавниот живот вечерва во скопското кино Милениум премиерно беше прикажан новиот македонски игран филм „Џган“, јавува Anadolu Agency (AA).
„Џган“ е всушност приказна за повлечено момче, кое низ низа свирепи околности го претвораат во суров бескомпромисен водач на група отфрлени штитеници од дом за деца без родители. Заедно, тие тргнуваат во слепа одмазда кон светот зад нивните sидови, што им нанел само болка и страдање. Светот во кој за нив постои само едно заедничко име – Џган.
Режисер е Вардан Тозија кому ова му е прво долгометражно остварување.
Главните улоги во филмот ги толкуваат Мартин Ѓорѓоски, Дениз Абдула и Никола Ристановски. Мартин Ѓорѓоски е натуршчик и воедно дебитира во овој филм на Вардан Тозија. Поведен од слоганот на филмот дека „никој не е роден насилен“, режисерот Тозија го изработи и сценариото.

На крајот од вечерашната премиера на публиката и се обрати продуцентот на филмот Огнен Антов, кој не го криеше своето задоволство, поради реализацијата на филмското остварување наречено „Џган“ и упати голема благодарност до сите оние кои учествувале во овој проект.
Кратко обраќање имаше и режисерот Вардан Тозија, кој исто така, се заблагодари на актерите, техничкиот персонал и сите останати учесници во филмот.
Македонски продуцент на филмот е „Дрим Фектори“, ко-продуцент на филмот е „Red helicopter films“ од Албанија. Филмот го подржаа и Агенцијата за филм и „SEE Cinema network“.
По скопската премиера, ќе биде дистрибуиран во кината низ цела Македонија.