АНКАРА (АА) - Светски познатиот фоторепортер Џошкун Арал говореше пред гледачите во рамките на интернет-изложбата по повод одбележувањето на Светскиот ден на бегалците, јавува Агенција Анадолија (АА).
Изложбата на фотографии „Exodus-Deja vu“ се здоби со симпатии кај меѓународната јавност од моментот кога за прв пат се одржа во 2016 година, а меѓу останатите ги опфаќа делата на реномирани фотографи и фоторепортери, како што се Џошкун Арал, Гилермо Ариас, Јалда Моајери и Сергеј Пономарев.
Агенција Анадолија е глобален комуникациски партнер на изложбата, а меѓу организаторите се и познати светски организации, како што се УНХЦР и Амнести интернешнал.
Оваа година, поради пандемијата на Ковид-19, изложбата се одржа преку интернет и беше отворена за гледачите на 20 Јуни, Светскиот ден на бегалците.
Фоторепортерите беа интервјуирани по пат на интернет, а разговараа за нивната работа претставена во проектот и за значењето на Светскиот ден на бегалците за еден фоторепортер.
Џошкун Арал, турски воен дописник, фоторепортер, телевизиски новинар и продуцент на документарен филм, исто така беше дел од проектот и зборуваше онлајн во партнерство со Агенција Анадолија - „Exodus-Deja vu“
Тој стана дел од проектот „Exodus-Deja vu“, по неговата обемна работа за бегалците во Шведска.
- Поминаа 30 години, страдањето на бегалците не се промени -
На изложбата, меѓу останатите, беа изложени и фотографиите на Џошкун Арал на кои се прикажани бегалците што бегаат од Ирак во Турција поради бруталноста на Садам, фотографии коишто датираат од 1991 година.
„Поминаа 30 години, но страдањето на бегалците не се промени. Имаше уште една криза во 1970-тите во Ирак исто така. Тоа беше времето кога решив да ги фотографирам бегалците и да ги раскажувам нивните приказни на светот“, рече тој.
Тој има работено во Африка, Пакистан, Индија и во многу други земји и бил сведок на идентични страдања.
„Бегалците водат борба за опстанок, а во моментов пандемијата на Ковид-19 не е нивниот единствен проблем. Мора да размислиме за тоа и да вложиме сè за да ја подобриме оваа состојба“, рече фоторепортерот.
„Мораме да ги зачестиме ваквите проекти, настани, треба да правиме повеќе. Не само фоторепортерите, туку секој со совест треба да им донесе внимание на бегалците“, додаде тој.
- Секој може преку ноќ да стане бегалец -
„Властите треба да го поттикнат народот и да водат организации за подигање на свеста за бегалците, а луѓето треба да постапуваат со совест“, рече Арал.
„Од најголема важност е да се справиме со негативните перспективи за бегалците. И тоа е на нас, народот, да го сториме тоа“, истакна Арал.
„Оваа тешкотија може да му се случи на секого во светот. Во Руанда, бев сведок на многу бруталности, смрт на стотици илјади. Кога оваа неволја ќе ги погоди луѓето, тие имаат тенденција да го изгубат разумот во целост, и тоа може да се случи секому. Но, не можеме да го сториме тоа за политички придобивки или создавање евтина работна сила од бегалците, туку со хуманитарни мотивации“, додаде тој.
- Фотографијата може да предизвика емпатија кај луѓето -
„Протерувањето на луѓето од нивните земји се случува веќе долго време и фотографиите можат да предизвикаат емпатија во очите на гледачите“, вели Арал.
„Фоторепортерот треба пред сè да дејствува според хуманитарни цели. Но, да, фотографијата може да предизвика емпатија и свесност во главите на народот за бегалците“, додаде фоторепортерот.
„Архивирањето, документирањето е многу важно, ни овозможува да ја следиме нашата историја и да гледаме во иднината попозитивно. Ова исто така важи и за фоторепортерството“, рече тој.
Арал рече дека траумите коишто ги доживеал низ светот во воените зони исто така влијаеле лошо на него, како физички така и психички.
„Имам верба дека ние луѓето правиме работи со причина. Ние сме должни да читаме, работиме, прашуваме и тоа е она што го сторив со мојата камера“, рече тој.
- Проектот продолжува со повеќе интервјуа -
Изложбата „Exodus-Deja vu“ за првпат е организирана во Куала Лумпур во 2016 година, а потоа во Бангкок, Чијанг Мај, Анкара и Истанбул.
Оваа година изложбата требаше да биде организирана во бројни градови од Европа и САД, но организаторите поради пандемијата на коронавирусот се откажаа од таквите планови и одлучија изложбата да биде организирана онлајн.
Фотографите прикажани во проектот ќе бидат интервјуирани секој ден на страницата на проектот на социјалната мрежа Инстаграм.
Изложбата може да се погледне преку интернет на „www.exodus-dejavu.com“.
news_share_descriptionsubscription_contact
