свет

Шефот на УНХЦР: Заштитата на бегалците е загрозена како никогаш досега

„Рекорден број мажи, жени и деца - над 122 милиони луѓе низ светот - се принудени да ги напуштат своите домови, но нивната можност да пронајдат безбедност и поддршка е загрозена како никогаш досега“, изјави Гранди

Beyza Binnur Dönmez  | 20.06.2025 - Обновена : 22.06.2025
Шефот на УНХЦР: Заштитата на бегалците е загрозена како никогаш досега

ЖЕНЕВА (АА) - По повод Светскиот ден на бегалците, високиот комесар на Обединетите нации за бегалци, Филипо Гранди, денес изрази загриженост поради зголемениот број принудно раселени лица и растечките предизвици со кои тие се соочуваат во услови на намалена хуманитарна помош, јавува Анадолу.

„Рекорден број мажи, жени и деца - над 122 милиони луѓе низ светот - се принудени да ги напуштат своите домови, но нивната можност да пронајдат безбедност и поддршка е загрозена како никогаш досега“, изјави Гранди.

Тој ги посочи тековните конфликти во Судан, Украина, Демократската Република Конго и Газа како двигатели на неискажано човечко страдање, критикувајќи го глобалниот неуспех да се стави крај на војните и да се реши проблемот од корен.

Тој исто така ја осуди стигматизацијата на невините цивили кои бегаат од насилство, велејќи дека тоа ја отежнува нивната можност да избегаат од опасност и да најдат безбедно место за да го обноват својот живот.

Високиот комесар на ОН повика на итна и конкретна солидарност, истакнувајќи го примерот со земјите на првата линија на фронтот и заедниците кои продолжуваат да пружаат поддршка за раселените лица и покрај сопствените економски потешкотии.

„Од побогатите држави до развојните банки, бизниси и многу други, можеме и мора да ги поддржиме овие земји и заедници преку споделување на одговорноста за заштита на бегалците“, изјави тој.

Гранди го одбележа Светскиот ден на бегалците од Сирија, каде што, според него, два милиони луѓе се вратиле во своите домови по падот на режимот на Башар ал Асад во декември минатата година.

„Денес, сретнав сириски семејства кои се вратија по повеќе од една деценија како бегалци. Нивната длабока радост е трогателен потсетник на копнежот што бегалците го чувствуваат за својот дом“, изјави тој.

И покрај продлабочените кризи, Гранди нагласи дека дури и во овие турбулентни времиња, постојат моменти на длабока надеж.

Тој ги повика глобалните актери да дејствуваат веднаш за да ја заштитат таа надеж и да го поддржат обновувањето на животите на бегалците.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.