Fatjon Cuka,Furkan Abdula
28 Март 2022•Ажурирај: 30 Март 2022
ЕЛБАСАН (АА) - ФАТЈОН ЦУКА -
Замокот Елбасан, кој е едно од историските и културните наследства на градот Елбасан во централниот дел на Албанија, со „мозаикот од споменици“ создаден од големиот број споменици и историски артефакти го привлекува вниманието на многу локални и странски туристи, пишува Агенција Анадолија (АА).
Замокот Елбасан, изграден на неколку хектари земја, претставува најголемиот замок во рамнините на Албанија.
Историјата на замокот, која започнува од пред околу 2.000 години, датира од римскиот период.
Сместен во центарот на градот Елбасан, замокот е изграден во квадратна форма, но поради оштетувањата што ги претрпел низ годините обновен е од страна на султанот Мехмед II за време на османлискиот период.
Иако замокот првично бил изграден за да се смести воен гарнизон, во подоцнежните периоди во внатрешноста на замокот почнале да се населуваат луѓе.
Денес, во рамките на ѕидините на замокот Елбасан, сè уште се наоѓа една од најважните населби на градот.
Во Замокот се сместени различни историски и културни артефакти кои ја откриваат богатата историја на градот, како што се Саат кулата, џамијата „Хункар“, црквата „Девица Марија“ и стариот амам.
Замокот успева да го привлече вниманието на туристите кои сакаат да пешачат преку калдрмата и да ги видат овие градби.
Саат кулата, изградена во 1899 година, има висина од 30 метри и е едно од симболичните дела на градот.
Џамијата „Хункар“, изградена во 1492 година за време на владеењето на султанот Бајазит II, е една од најстарите џамии во Албанија.
Црквата „Дева Марија“ е изградена во 1833 година на темелите на стара црква.
Одредени стари карактеристични куќи кои се наоѓаат во рамките на ѕидините на замокот, и имаат статус на споменици на културата, го красат „мозаикот од споменици“ кој е формиран во Замокот.