Merve Berker
18 Март 2022•Ажурирај: 24 Март 2022
АНКАРА (АА) - Жирито на „Istanbul Photo Awards 2022“ денес ја започна својата работа со прегледување на илјадници пријавени фотографии од фотографи низ светот.
На осмото издание на натпреварот на Агенција Анадолија, сесиите на жирито се одржуваат онлајн поради мерките за коронавирусот. Членовите на жирито се најавени од осум различни земји за да ги селектираат најдобрите фотографии од минатата година.
Овогодишното жири обединува престижни личности од областа на фотографијата, меѓу кои фотографката и режисерка на „Нејшнл географик“, Ами Витале, фоторепортерката Керол Гузи, фоторепортерот на „Ројтерс“, Горан Томашевиќ, фоторепортерот на Агенцијата „Нур“, Јури Козирев, визуелната раскажувачка Марион Мертенс, поранешниот директор за дистрибуција на фотографии и развој на работењето на Агенцијата „Франс прес“ (AFP), Мишел Ското, главниот спортски фоторепортер на „Гети имиџес“, Камерон Спенсер, фоторепортерот Ахмет Сел и главниот уредник на Дескот за визуелни вести на Агенција Анадолија, Фират Јурдакул.
Победниците ќе бидат објавени на крајот од март по тридневниот процес на селекција, направен преку платформата специјално подготвена за натпреварот од посветениот технички тим на Агенција Анадолија.
Преку 16.000 фотографии направени од 1.482 професионални фоторепортери од 113 различни нации беа пријавени до крајниот рок на 15 февруари во седум категории: „Единечна вест“ „Приказна од единечна вест“, „Единечна фотографија од спортот“, „Приказна од спортот“, „Единечна фотографија од природата и животната средина“, „Приказна од секојдневниот живот“ и „Портрет на приказна“.
Победникот на Фотографијата на годината од категоријата на „Единечна вест“ ќе освои 6.000 долари.
Победниците во другите категории ќе бидат наградени со 3.000 долари за првата награда, 1.500 долари за втората награда и 1.000 долари за третата награда. Првото место ќе биде доделено само во категориите „Приказна од секојдневниот живот“ и „Портрет на приказна“. Покрај наградите, оваа година на победниците ќе им бидат доделени камери „Канон“.
Информациите за сите членови на жирито, за сите наградени членови од светот на фотографијата, можат да се најдат на istanbulphotoawards.com/Jury.
Оваа година натпреварот е поддржан од „Канон“, Турската агенција за соработка и координација (ТИКА) и националниот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“.