Aişe Hümeyra Bulovalı
24 Декември 2022•Ажурирај: 27 Декември 2022
АНКАРА (АА) - Жирито на Меѓународниот натпревар за најдобра фотографија „Istanbul Photo Awards“, кој по деветти пат го организира Агенција Анадолија (АА) и на кој свои фотографии можат да пријават фоторепортери од сите делови на светот, ќе биде составено од светски фоторепортери и уредници на фотосервиси на најпрестижни медиумски куќи, весници и списанија.
„Istanbul Photo Awards“ е натпревар на кој свои фотографии можат да испратат фоторепортери од сите делови на светот.
Оваа година, членови на жирито ќе бидат фотографот и продуцент на „Нешнал џиографик“, Ами Витале, фоторепортерката Керол Гузи, фоторепортерот на NOOR, Јуриј Козирев, фоторепортерот на „Глоб енд меил“, Горан Томашевиќ, уредничката за дигитални медиуми на „Пари мач“, Мерион Мертенс, експертот за дигитални медиуми Мишел Ското, главниот фоторепортер на „Гети имиџис“, Камерон Спенсер, уредникот на визуелните вести на АА, Ахмет Сел, и уредникот на фотографии на Агенција Анадолија, Фират Јурдакул.
Повеќе информации за кариерите и за членовите на овогодинешното жири можете да најдете на страницата „www.istanbulphotoawards.com“.
„Istanbul Photo Awards“ со години привлекува голем интерес кај слободните фотографи, како и кај новинарските организации. На натпреварот можат да се пријават само професионални фотографи со фотографија направена во текот на 2022 година.
Фотографии ќе се примаат за десет категории: „Поединечна вест“, „Серија вести“, „Индивидуални спортови“, „Тимски спортови“, „Поединечна фотографија за секојдневниот живот“, „Серија фотографии за секојдневниот живот“, „Поединечен портрет“, „Серија портрети“, „Единечна фотографија за природа и животна средина“ и „Серија фотографии за природата и животната средина“.
Пријавите ќе бидат отворени за сите објавени и необјавени фотографии од целиот свет. Условите за пријавување може да се најдат на веб-страницата на „Istanbul Photo Awards“. Наградниот фонд оваа година изнесува 58.000 долари.
Меѓународното жири кое во март ќе ги избере најдобрите фотографии од овогодинешниот натпревар е составено од престижни имиња од светот на фотографијата.
Фотографиите ќе се оценуваат според многу различни аспекти како што се техничката компетентност, перспективата, движењето и емоциите.
Пријавувањето може да се врши преку веб-страницата „http://istanbulphotoawards.com“ до 15 јануари 2023 година.