Aişe Hümeyra Bulovalı
10 Февруари 2021•Ажурирај: 12 Февруари 2021
ИСТАНБУЛ (АА) - Организаторите на овогодишното издание на престижното меѓународно натпреварување „Istanbul Photo Awards 2021“ денеска го објавија составот на жири-комисијата која ќе ги бира најдобрите фотографии на годината.
„Istanbul Photo Awards 2021“ оваа година се одржува по седми пат, во организација на Агенција Анадолија (АА), а жирито го сочинуваат Јури Козјрев, фоторепортер и член на Агенцијата НООР (NOOR), Мерион Мертенс, уредничка за дигитални медиуми на неделникот „Париз мач“ (Paris Match), Мишел Ското, директор за дистрибуција на фотографии и деловен развој во Агенцијата „Франс прес“ (AFP), Дебора Копакен, американски фоторепортер и автор, Камерон Спенсер, главен спортски фотограф на Агенцијата „Гети имаџес“ (Getty Images), фоторепортерот Ахмет Сел, главниот уредник на Одделот за визуелни вести на АА, Хасан Ојмез, уредникот на фотографија на АА, Фират Јурдакул и фоторепортерот на „Ројтерс“ (Reuters), Горан Томашевиќ.
Томашевиќ му се приклучи на жирито на „Istanbul Photo Awards 2021“ како репортер кој во своите витрини има бројни меѓународни награди, вклучувајќи ја и Пулицеровата.
Повеќе информации за членовите на жирито се достапни на службената интернет-страница на натпреварувањето „www.istanbulphotoawards.com/Jury/“.
Членовите на жирито „Istanbul Photo Awards 2021“ онлајн состаноци ќе одржат од 4 до 6 мај, а победничките фотографии ќе бидат објавени на 11 мај.
- Последен рок за пријавување е 18 март -
Пријавувањето за натпреварувањето „Istanbul Photo Awards 2021“ е отворено до 18 март, а повеќе за натпреварувањето може да се дознае на страницата „www.istanbulphotoawards.com“.
Натпреварувањето се одржува во шест категории на фотографии снимени во текот на 2020 година.
Добитникот на главната Награда за фотографија на годината ќе добие и парична награда во висина од 6.000 долари. Победниците во сите шест категории ќе добијат по 3.000 долари. Второпласираните ќе добијат по 1.500 долари, а третопласираните по 1.000 долари. Исклучок се категориите „Низ фотографии за секојдневниот живот“ и „Низ портрет“, во кои парични награди ќе добијат само победниците.