култура и уметност

„Istanbul Photo Awards 2020“: Наградена серијата фотографии која ја прикажува осаменоста во италијанските затвори

„Многу е тешко, затоа што тие никогаш не се физички сами затоа што секогаш има луѓе околу, но тие се всушност осамени, и овие разлики имаа големо влијание врз мене поради што почнав да ги фотографирам“

Daniela Alejandra Mendoza Valero  | 09.12.2020 - Обновена : 11.12.2020
„Istanbul Photo Awards 2020“: Наградена серијата фотографии која ја прикажува осаменоста во италијанските затвори

БОГОТА (АА) - ДАНИЕЛА МЕНДОЗА -

Осаменоста во италијанските затвори го поттикна фоторепортерот Валерио Биспури да ја создаде серијата фотографии насловени „Затвореници“ (Prigionieri) што му го донесе првото место во категоријата Вест-сторија на овогодишните престижни награди „Istanbul Photo Awards“.

Натпреварот е организиран од Агенција Анадолија, спонзоран од турскиот авиопревозник „Туркиш ерлајнс“, а победниците беа избрани од истакнати членови на меѓународното жири.

За АА, Биспури изјави дека на серијата фотографии работел откако се вратил од Јужна Америка, каде повеќе од една деценија го следел животот во локалните затвори.

„Посетив 74 затвори во сите земји на Јужна Америка“, рече фотографот, додека 10 години минал во Аргентина.

„По овој проект за затворите во Јужна Америка, отидов во Италија за да ја претставам мојата книга „Енцерадос“ [Затворени] во затворите во Италија“, истакна тој, додавајќи дека додека бил таму го посетил затворот „Поџореале“ во Неапол, јужна Италија.

„Кога осудениците ги погледнаа фотографиите од затворите во Јужна Америка, рекоа:„ Зошто не дојдете да ја видите состојбата тука, како живееме, што правиме?“, рече Биспури.

- Тешкиот затворенички живот -

Тој не мислел дека животот во затворите во својата родна Италија е толку тежок.

„Сметав дека вреди да се видат и другите затвори во Италија, ако овој затвор е толку лош, толку тежок, и побарав дозвола да влезам во четири големи затвори во Италија“, рече Биспури.

За време од четири години, тој ги посети затворот „Учиардоне“ во Палермо, Сицилија, затворите „Реџина Коели“ во Рим и „Сан Виторе“ во Милано, северна Италија.

Овие посети потоа го поттикнале да направи подолга турнеја, посетувајќи мали затвори, големи затвори, женски затвори и нови затвори, со цел да истражи како размислуваат луѓето зад решетки, што значи лишување од слобода и што значи да се биде сам, без слобода.

За да им се доближи на затворениците, Биспури јадел заедно со нив, без да фотографира.

„Влегував во ќелиите и ја јадев со нив истата храна што ја јадеа и тие, што понекогаш беше многу грозна, но тоа не беше важно“, рече тој, нагласувајќи дека овие заеднички оброци помогнале во градењето доверба.

„Она што произлезе од оваа работа е фактот дека затворениците се навистина осамени“, заклучи Биспури.

„Многу е тешко, затоа што тие никогаш не се физички сами затоа што секогаш има луѓе околу, но тие се всушност осамени, и овие разлики имаа големо влијание врз мене поради што почнав да ги фотографирам“.

- Откривајќи го непознатото -

Биспури, инаку фотограф со големо искуство, нагласи две важни работи во својата работа, од кои првата е потрагата по посебна длабочина во неговите фотографии.

„Многу е потешко да се влезе во фотографската длабочина што не е само естетика, што не е само светлината, само формата, туку раскажувањето на нешто непознато“, рече тој.

За да се стигне до оваа точка вели дека е исклучително важно да се влезе во емоциите на луѓето.

„Сета моја работа е ваква, затоа работата што ја работам секогаш трае со години. „Затвореници“ траеше четири години, секогаш трае со години затоа што да се влезе подлабоко, да се најде значењето на фотографиите, многу е важно да се знае, да се навлезе“.

Втората важна работа, рече тој, е да се влезе во просторот помеѓу емоциите и реалноста, и да се воспостави рамнотежа меѓу тие две нешта.

- Нов вид на јазик -

За освоената награда на „Istanbul Photo Awards“, Биспури рече дека е среќен што може фрлајќи светлина врз малку познатата реалност, како што е животот во затворите.

„Многу сум среќен за оваа награда затоа што во период во којшто фотографијата е повнимателна кон естетиката и секогаш бара нов вид на јазик, понекогаш овој вид јазик ја ослободува силата од длабочината на човекот“, објасни тој.

На „Istanbul Photo Awards 2020“ се доделуваат десетина награди во четири категории: единечна фотографија за вест, серија фотографии за вест-сторија, единечна фотографија од спортот и серија фотографии за спортски стории.

Фотографиите се осврнаа на главните теми во светот од 2019 година, како што се протестите во светот, конфликтите, еколошките катастрофи, спортските активности и човечките приказни во различни земји, од Палестина до Индонезија.

Деталите за пријавувањето на натпреварот за 2021 година ќе бидат објавени наскоро.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.