Abdullah Coşkun
09 Декември 2020•Ажурирај: 14 Декември 2020
КОЊА
Стилот на вртење на дервишите, начинот на облекување и сеќавањето на Бог (ритуалот Сема) претставуваат визуелен празник со различна убавина.
Светски познатиот повик на Мевлана „дојди“ продолжува да се споменува како најголемото мото на мевлевиите (дервиши што се вртат).
Директорот на Ансамблот за суфиска музика во Коња при Министерството за култура и туризам, Фахри Озчакил, истакна дека оваа година церемониите ќе се одржуваат на темата „Време на дарување“ и дека за време на церемонијата Сема, и покрај тоа што ќе нема публика, ќе го споменуваат Алах (Бог).

Потсетувајќи дека сите ритуали на Сема имаат свое значење, Озчакил рече: „Сема (светиот вртечки танц) е спомнување на Алах. Постојат многу значења на танцот (обожавањето) Сема. Сите убавини на Сема, од облеката на дервишите до нивното вртење, имаат свое значење.“
Озчакил, истакнувајќи дека имале горчлива година поради новиот вид коронавирус (Ковид-19), рече дека секој треба да го почувствува во себе својот ентузијазам од ритуалот Сема.
„Нашите срца и нашата душа е со сите пријатели на Мевлана. Сигурен сум дека и пријателите на Мевлана овој момент ќе го доживеат духовно. Оваа година сме тажни затоа што ќе бидеме сами. Во оваа прилика, ние ја испраќаме нашата љубов кон целото човештво од земјата на Мевлана“, нагласи Озчакил.
- Танцот „Сема“ ја рефлектира филозофијата на Мевлевиите
Ритуалот Сема, изведен на церемониите каде што се одбележува Мевлана, содржи важни симболи што ја рефлектираат основната филозофија на меевлевиите.
Сема генерално го изразува формирањето на универзумот, воскресението на човекот во светот, и неговите постапки кои ја содржат љубовта кон Бог.

Облеката што ја носат дервишите во ритуалите што ги изведуваат со векови исто така е меѓу важните симболи на оваа филозофија. Мевлана смета дека сите живи и неживи суштества во универзумот се вртат и дека тоа вртење се прави со споменување на Алах.
Танцот Сема, кој продолжува да се практикува и денес, се смета за средство да се стигне до Алах.
- Сите алишта се бакнуваат, потоа се облекуваат
Дервишите пред да започнат со танцот ги облекуваат алиштата со прецизен редослед и со стравопочит. Дервишите најпрвин ги бакнуваат и ги облекуваат чевлите од мека кожа што се нарекуваат „мест“ („mest“). Потоа, се облекува кошулата без ракави наречена „тенуре“ („tennure“). Исто така и кошулата се бакнува пред да се облече. На крајот се става ременот познат како „тигбен“ („tığben“). Ременот ја обвива кошулата.
По овој процес, црниот појас наречен „Елиф-и Мехмет“ („Elif-i Mehmet“) се бакнува и се врзува. По облекувањето на надворешната кошула наречена „дестеѓул“ („destegül“), црната наметка се става преку рамото. На крајот се става капата наречена „сике“ („sikke“) и се комплетира облеката.
Во бакнувањето на целата облека лежи разбирањето дека сè што постои во универзумот, живо и неживо, и што му служи на човекот, треба да биде вреднувано.